Браќата Душан и Владимир Пецовски ги зајакнуваат акционерските позиции во „Реплек“, додека „Настел“ и натаму го намалува сопственичкиот удел во оваа фармацевтска компанија.
Со последната објава на Македонска берза, инвеститорската јавност се информира дека со најновите купопродажни трансакции, првиот човек на „Реплек“ и најголем поединечен акционер, Душан Пецовски, во сопственост сега има 12,19 отсто од акциите, неговиот брат Владимир Пецовски – 6,33, а делот на „Настел“ опаднал на 8,52 проценти.
„Акционер со над 5% воедно и претседателот на Управен одбор Пецовски Душан се стекна со 5 нови акции, со што поседува вкупно 31.605 или 12,19% од вкупниот број на акции.
Акционер со над 5% Пецовски Владимир се стекна со 1 нова акција, со што поседува вкупно 16.406 обични акции или 6,33% од вкупниот број на акции.
Акционер со над 5%, компанијата Настел ДООЕЛ продаде 104 акции, со што поседува вкупно 22.093 или 8,52% од вкупниот број на акции“, пишува во информацијата од „Реплек“.
Како што Пецовски постојано се јавуваат како купувачи на акциите од „Реплек“, така во последно време „Настел“ е во улога на продавач. Во текот на јули, во четири наврати продаде вкупно 2.078 акции.