ПОВЕЌЕ

    НАСИЛНИТЕ ПРОТЕСТИ ВО МИЛАНО НАПРАВИЈА ШТЕТА ОД РЕЧИСИ МИЛИОН ЕВРА, продавниците се забарикадираат поради стравувања од нови немири

    Време зa читање: 6 минути

    Скршени излози, ограбени продавници и затворени дуќани – викендот на безредија во Милано веќе остави штета од околу еден милион евра, според најновата проценка на стопанската асоцијација Confcommercio Milano. На тоа треба да се додадат и изгубениот промет, откажаните резервации во ресторани и хотели и пошироката штета врз имиџот на градот. Дел од луксузните продавници во центарот денес повторно ги обезбедуваат излозите и ја повлекуваат стоката, а локалните власти предупредуваат дека тензиите можеби сè уште не се завршени.

    Италијанската влада ќе испрати 500 војници за „одбрана на Милано“ по дводневните немири, за време на кои демонстрантите се судрија со полицијата, ограбуваа продавници и уништуваа имот, изјави во понеделникот заменик-премиерот Матео Салвини.

    Се очекува ова распоредување да биде дел од пакетот безбедносни мерки што треба да бидат одобрени на седница на владата закажана за вторник. Ова се случува во момент кога продавниците во центарот на Милано се затвораат порано, а излозите се заковани со штици, поради страв од ново избувнување на насилство во финансиската престолнина на Италија.

    Првата проценка, направена по саботните инциденти, беше над 500.000 евра, но по новиот бран судири и грабежи во неделата сумата се искачи на околу еден милион евра. Генералниот секретар на Confcommercio Milano, Марко Барбиери, предупреди дека директната материјална штета е само дел од проблемот. Дел од продавниците морале да затворат уште околу 17 часот, а веќе пристигнуваат и откажувања од странски гости во ресторани и хотели.

    Стравот од нови инциденти сега директно го менува и изгледот на најлуксузниот дел од градот. Повеќето продавници во миланската луксузна шопинг-зона „Виа Монтенаполеоне“ – каде што се наоѓаат брендови како „Шанел“, „Тифани“ и „Диор“ – како мерка на претпазливост ја тргнале стоката од своите излози, додека полицијата патролира по улицата.

    Најпогоден беше центарот на Милано, град кој живее од мода, луксуз, туризам и малопродажба, каде беа кршени излози и ограбувани продавници и супермаркети. По два дена немири, полицијата приведе стотици лица, а само во неделата во Милано биле задржани 271 човек, меѓу кои и малолетници.

    Немирите започнаа во рамки на пошироки протести поради високите трошоци за живот и незадоволството од јавните услуги, но дел од собирите брзо прераснаа во судири со полицијата и организирани грабежи. Во Милано полицијата употреби солзавец и водени топови откако групи со покриени лица почнаа да кршат излози и да палат предмети во близина на Piazza Duomo.

    Слични инциденти беа регистрирани и во Болоња, Бреша, Бергамо и Торино, што дополнително ја засили загриженоста на италијанската влада дека немирите не се ограничени само на Милано.

    Премиерката Џорџа Мелони свика безбедносен состанок, а властите разгледуваат построги мерки кон групите што учествуваат во насилствата, особено кон малолетничките банди.

    „ТЕНЗИИТЕ НЕ СЕ ЗАВРШЕНИ“

    Според полицијата, стотици разбеснети млади луѓе – многумина со странско потекло, но и Италијанци – пристигнале откако се организирале во предградијата, околните области, па дури и во други провинции. Тие дејствувале без никаква централна координација, во мали групи. Она што е сигурно е дека тие ја преплавиле главната демонстрација, организирана од „Italia in piazza“ (Италија на плоштад) како протест против високите трошоци за живот и цените на горивото, при што предизвикале пустош во градот. Полицијата првично била принудена да се повлече додека чекала засилување, а потоа го опколила плоштадот „Пјаца Дуомо“ со околу дваесетина полициски комбиња и теренски возила на мобилните единици. Сцените наликувале на воени. Подоцна во текот на вечерта, една група опколила полициско патролно возило, но била спречена и запрена.

    Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, по посетата на оштетените продавници оцени дека градот се наоѓа во чувствителна фаза и дека не може да се смета оти кризата е завршена.

    „За жал, чувството е дека овие моменти на тензија не се завршени. Не само во Милано, туку насекаде“, изјави Сала. Тој ги оцени нападите врз полицијата, јавните простори и трговските објекти како неприфатливи.

    Протестите се прелеаа и во други градови низ Италија. Во Торино, маршот – кој разни граѓански комитети со денови го промовираа како „аполитичен и непартиски“ – брзо паднал под контрола на радикални активистички колективи, социјални центри и мрежата „Pro Pal“ (поддржувачи на Палестина), засилени со голем број тинејџери од предградијата. Обидите на организаторите да ги натераат да ги тргнат знамињата и да ги убедат да не маршираат со маскирани лица, биле неуспешни. Еден од организаторите, Марко Личоне – кој претходно ги предводеше протестите „No Pass“ (против ковид-потврдите) за време на пандемијата – тврди дека бил опколен и претепан од околу петнаесетмина уфрлени провокатори.

    Во Болоња, судирите се одвивале главно во околината на железничката станица, каде што група маскирани млади луѓе се одвоиле од поворката и почнале да фрлаат димни бомби, стаклени шишиња, заштитни огради и камења кон полицијата. Полицијата одговорила со водени топови и солзавец за да ги растера.

    БРАН НЕЗАДОВОЛСТВО НИЗ ЕВРОПА

    Протестите во Италија се надоврзаа на бранот студентски протести кои ја зафатија Франција, како и Португалија и Шпанија, поттикнати незадоволство од социјалниот стандард, проблемите во образовниот систем или кризата на домување и високите цени за живот.

    Во Франција, според податоците на синдикатот CGT и младинските организации, околу 800.000 луѓе (а според властите – 550.000) излегоа на протест „против високите трошоци за живот“. Стануваше збор за масовна мобилизација, која се надоврза на протестите на средношколците и пожарникарите од изминатите недели, но како што одминуваше денот, ситуацијата доби поинаков тек.

    Според извештаите на бројни градоначалници, кои останаа затекнати од случувањата, насилството во урбаните средини достигна ниво какво што не е видено на национално ниво уште од почетокот на 21 век. Сликите од градското собрание во Лимож и туристичката канцеларија во Лион, кои беа зафатени од пламен, оставија особено силен впечаток во јавноста, исто како и сцените со запалени возила во Париз, во близина на плоштадот „Република“ (Place de la République).

    Во текот на денот, на маргините на инаку мирните маршеви, во многу градови дојде до повторени судири помеѓу маскирани групи облечени во црно и безбедносните сили. Во Париз и Бордо беа вандализирани и ограбени неколку продавници, меѓу кои „Декатлон“ (Decathlon), „Интерспорт“ (Intersport), „Епл стор“ (Apple Store), „Носибе“ (Nocibé) и „Снајпс“ (Snipes). Исто така, беа искршени и излозите на стоковната куќа „Галери Лафајет“ (Galeries Lafayette).

    Во меѓувреме, во Шпанија, повеќе од 70.000 луѓе со недели излегуваат на улиците протестирајќи против кризата со домувањето, при што судири беа забележани и во Валенсија и Мадрид. На плоштадот „Пуерта дел Сол“ (Puerta del Sol) сè уште стои кампот на демонстрантите, иако тие сега се соочуваат со првите тешкотии на животот на улица.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично