Поголемо домашно производство, повисока свест за квалитетот на домашните производи, полесен пристап на граѓаните до локални производи, стабилна поддршка за македонската економија – се целите кои треба да се остварат со „Македонско најдобро“ – Наша традиција, наша гордост – новата кампања на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Препознатливост и дава специфично лого, кое преку сонцето и почвата потсетува дека ги имаме сите предуслови за да имаме домашни квалитетни земјоделски производи, истакна ресорниот министер Трипуновски.
Стартот на кампањата го означи со промоција на видео запис.
„Овој видео запис не е само реклама, туку вистинска приказана за нашата земја, за вредните раце на нашите земјоделци и преработувачи и за богатата традиција која со љубов ја негуваме. Низ секоја сцена од златните полиња до трпезата прикажано е нашето домашно“, рече министерот, нагласувајќи – кога се избира домашен производ, не се избира само храна или продукт, туку директно се инвестира во домашната економија и во отворањето нови работни места.
Пораките од кампањата ќе се шират меѓу граѓаните преку билборди, постери, флаери и преку социјалните медиуми.
Воедно функционална е дигиталната платформа наменета за регистрација на заинтересираните змејоделци, задруги, преработувачи и продажни центри.
„Оваа платформа е дизајнирана како централно место за поддршка и промоција на домашното производство, овозможувајќи три основни типа на регистрација. Првата регистрација е за земјоделците, каде ќе можат лесно да ги прикачат и промовираат своите земјоделски производи. Втората регистрација е за преработувачите каде ќе можат да ги претстават своите автентични македонски преработки. Третата регистрација е за продажните центри каде ќе ги регистрираат своите геолокации на продажни места низ нашата држава со што македонските производи ќе станат повидливи за потрошувачите“, наведе Трипуновски.
Исто така, преку платформата граѓанините ќе можат да пребаруваат и да се информираат за достапноста на домашните производи. Со автоматска геолокација платформата ќе ги прикаже најблиските продажни места каде што можат да се купат домашни земјоделски производи. ЗВо таа насока, според Трипуновски, граѓаните наскоро ќе може да користат и мобилна апликација.
Не е првпат да се иницира и реализира кампања во која акцентот е ставен на домашното земјоделско производство. Се работи за дејност од витално значење за државата и за граѓаните, на која и е потребна голема помош. Производството во подолг временски континуитет се намалува, што резултира со зелени пазари и маркети преполни со увезена храна. Скапа и помалку квалитетна.
Минатата година увозот на храна надмина една милијарда евра. Средства со кои биле обезбедени 784.841.000 килограми најразлични прехранбени производи од 119 земји. Или, како што веќе анализираше Пари, во текот на една деценија, од 2014 до 2024 година, во просек, годишната потреба за увоз се зголемувала за 10.832 тони. Истовремено, просечно за околу 54,95 милиони евра годишно се зголемувала вредноста на увозот. А, работната сила е намалена за 51,12 проценти.