ПОВЕЌЕ

    Монетарно олабавување-Народната банка ја намали основната камата

    Време зa читање: 2 минути

    Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка вчера одржа седница, на  која што беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

    На седницата беше одлучено основната каматната стапка да се намали за дополнителни 0,25 п.п., до нивото од 1,25%. Одлуката за понатамошно монетарно олабавување се носи во услови на стабилни движења на девизниот пазар и умерена динамика на инфлацијата, а додека сѐ уште постои неизвесност за здравствената криза и влијанието врз патеката на закрепнување на економијата. Во прилог на одлуката е и понагласениот приспособлив карактер на ЕЦБ заради одржување на поволните финансиски услови во подолг период. Натамошното олабавување на монетарната политика е заради дополнително олеснување на финансиските услови и натамошна поддршка на домашната економија, имајќи го предвид тековниот развој на пандемијата, којашто сѐ уште трае.

    Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност изминатата година од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

    Понатамошното олабавување на монетарната политика се очекува да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките и натамошна кредитна поддршка на приватниот сектор, заради ублажување на ефектите од пандемијата врз домашната економија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично