ПОВЕЌЕ

    Народната банка го намали понудениот износ на благајнички записи

    Време зa читање: 5 минути

    Денес се одржа седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка (КОМП) на која беше одлучено да се намали износот на благајничките записи кои банките можат да ги запишат кај централната банка, при задржување на основната каматна стапка на непроменето ниво. На седницата беа разгледани најновите показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

    Притоа беше одлучено на аукцијата којшто ќе се одржи на 15 април 2020 година понудата на благајнички записи да се намали за 8.000 милиони денари во однос на достасаниот износ. Следствено, на аукцијата ќе бидат понудени 17.000 милиони денари, по непроменета каматна стапка од 1,75%. Средствата ослободени со намалената понуда кај благајничките записи се очекува да придонесат за натамошна поддршка на македонската економија преку одржување на кредитните текови и на кредитниот циклус од страна на банкарскиот систем. Ваквите мерки следуваат по намалувањето на основната каматна стапка, регулаторните измени со коишто се обезбедува поголема флексибилност и им се остава поголем простор на банките да се фокусираат на процесот на кредитирање, како и на измените кај задолжителната резерва со коишто се ослободува дополнителна ликвидност и се дава поддршка на кредитирањето на најпогодените сектори во економијата. Обезбедувањето на дополнителна ликвидност е особено важно, имајќи ја предвид специфичноста на шокот и мерките коишто се преземаат за негово сузбивање.

    По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во два наврати оваа година, на оваа седница беше одлучено таа да се задржи на нивото од 1,75%. Појавата на новата вирусна инфекција ковид-19, како неочекуван надворешен шок, се очекува привремено неповолно да се одрази и врз глобалната и врз домашната економија. Во вакви околности, а во услови на солидни девизни резерви и ниска инфлација, монетарната политика на Народната банка од почетокот на годината го задржа прилагодливиот карактер, при што основната каматна стапка беше намалена за вкупно 0,5 процентни поени и се сведе на нивото од 1,75%. Со оглед на веќе извршеното олабавување на монетарната политика, на оваа седница на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови.

    На седницата беа разгледани и движењата на меѓународните финансиски пазари, коишто се одликуваа со исклучително висока променливост и насоченост на инвеститорите кон безбедни вложувања. Следствено, забележан е изразен пад на цените на акциите со истовремено зголемување на цените на безбедните инструменти на историски највисоки нивоа. Валутниот пар евро/САД-долар има значително променливи движења, а падот на цената на нафтата продолжи, во услови на висока глобална понуда на овој енергент при намалување на побарувачката. Со цел да се поддржи економската активност во условите коишто се поврзани со вонредните мерки за справување со коронавирусот, заради коишто на глобално ниво има прекин на синџирите на понуда, застој во трговијата и предизвици во функционирањето на повеќето економски дејности, централните банки на најголемите економии пристапија кон значително олабавување на монетарните политики, а владите кон зголемување на фискалниот поттик.

    Комитетот ги разгледа и најновите економски показатели во домашната економија. Последно расположливите податоци упатуваат на стабилни текови, но неизвесноста од идните макроекономски ефекти од пандемијата на ковид-19 е голема. Расположливите високофреквентни податоци за економската активност за периодот јануари-февруари 2020 година засега упатуваат на продолжување на растот на економијата и во првиот квартал од годината, но ризиците за следниот период се неповолни. Во однос на инфлациските движења, заклучно со крајот на март, просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 0,6%, што и натаму е пониско остварување во однос на октомвриската проекција. Нивото на девизните резерви и натаму се одржува во сигурната зона, при што остварувањата во првото тримесечје од оваа година, генерално се во согласност со очекувањата. Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за март покажуваат натамошен годишен раст и на депозитите и на кредитите, без поголеми отстапувања од проекцијата за првиот квартал од годината.

    И покрај засега стабилните текови, појавата на новата вирусна инфекција, како неочекуван надворешен шок, се очекува да се одрази врз домашната економија во повеќе сегменти, што ќе значи и поголемо отстапување од октомвриските проекции. Влошувањето на глобалното окружување и мерките преземени за спречување на ширењето на вирусот, ќе доведат до влошување на деловната активност кај дел од економските дејности и ќе влијаат врз очекувањата на економските субјекти за следниот период. Сепак, се оценува дека овие отстапувања не се предизвикани од поместувања во економските фундаменти и засега се очекува да бидат од привремен карактер.

    Народната банка останува доследна на успешното спроведување на своите цели – одржување на стабилни цени, стабилен девизен курс и одржување на финансиската стабилност, притоа давајќи поддршка на реалниот сектор преку обезбедување поволни финансиски услови. Како и досега, се продолжува со внимателно следење на развојот на настаните, како и на потенцијалните ризици од окружувањето и на нивните ефекти врз домашната економија, заради соодветна и навремена реакција преку приспособување на политиките и преземање на други, дополнителни мерки, доколку тоа е потребно.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично