Во четврток (27 јуни) ќе се одржи 51. сесија на Клубот на истражувачите во просториите на Народната банка. Поетокот е закажан за 14 часот.
На сесијата ќе бидат презентирани трудовите „Економски раст поттикнат од интеграцијата: Случајот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија“ од авторот Никита Ристовски и „Монетарната политика и каналите на цените на средствата во контекст на регионализацијата на берзите во земјите на поранешна Југославија“ од авторот Стефан Таневски. Авторите Никита Ристовски и Стефан Таневски се добитниците на првата и втората Годишна награда за млади истражувачи за 2024 година.
По презентирањето на трудот e предвидена дискусија.
Народната банка објавува повик до сите истражувачи коишто се заинтересирани да учествуваат на сесијата на Клубот да се пријават на е-адресата: [email protected], најдоцна до среда (26 јуни).
Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Трудовите коишто се презентираат на сесиите на Клубот, треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.
На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија. Сесиите се од јавен карактер и фотографиите од настанот се објавуваат на веб страната на Народна банка и на профилите на социјалните мрежи.
Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер.