Народната банка за годинава очекува порст на странските инвестиции во земјава и постепено стабилизирање на износот на дознаките од странство, но не и дека тие оваа година ќе се вратат на преткризното ниво. За годинава проекциите во однос на странските инвестиции се дека ќе изнесуваат 3 проценти од БДП.
-Странските директни инвестиции историски кај нас се доминатна компонента во финансиските приливи и имаат значајна улога во обезбедување на вкупен девизен потенцијал во нашата економија. Во преткризниот период тие во просек се движеа околу 3,5 проценти од БДП. Минатата година како што имаше во глобални рамки пад на странските директни инвестиции, имаше и кај нас, и тие се намалија на ниво 1,9 проценти од БДП. Оваа година во услови на проектирано глобално закрепнување во услови на проектирана глобална ликвидност меѓу меѓународните финансиски пазари што би требало да влијае на намалување на неизвесноста и да ја намали аверзијата на ризик на странските инвеститори, се очекува постепено нивно закрепнување, рече на прес-конференција гувернерката на Народната Банка Анита Ангеловска Бежоска.
Таа нагласи дека за годинава тие се проектирани на ниво од околу 3 проценти од БДП, што, како што рече, значи дека веднаш не се очекува да се вратат на преткризното ниво.