ПОВЕЌЕ

    Народна банка: Годинава умерен, догодина забрзан раст, инфлацијата во фаза на намалување

    Време зa читање: 5 минути

    Со позитивен придонес од нето-извозот и од домашната побарувачка, годинава треба да ја завршиме со раст од 1,9 проценти. И, со инфлација од 9,5 проценти, која во наредниот период ќе биде во фаза на опаѓање.

    Пооптимистички се прогнозите на Народната банка за 2024 – раст од три и инфлација од 3,5 до четири проценти. На среден рок, за 2025 и 2026 година, растот треба да дојде до ниво од четири, инфлацијата да се спушти до околу два проценти. Податоците ги изнесе гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, по одржата редовна седница на Советот на НБ, на која членовите го усвоиле најновиот квартален извештај, во чии рамки се и макроекономските проекции на централната банка.

    Макроекономската слика за периодот до 2026 година во овој циклус проекции не е значително променета, во споредба со проекциите од април. Во однос на растот, и натаму за годинава се очекува умерено забавување и негово постепено засилување во следниот период. Сепак, во услови на малку понеповолно надворешно окружување, на краток рок, закрепнувањето на економијата е малку послабо од претходните очекувања, посочи гувернерката.

    Оттаму и очекувањето економскиот раст умерено да забави и да се сведе на 1,9 проценти, додека со подобрувањето на надворешниот амбиент и спроведувањето на јавниот инфраструктурен циклус во земјава, растот би забрзал искачувајќи се до три проценти во 2024 година. На среден се смета на натамошно закрепнување, односно на раст од околу четири проценти, но под услов да нема позначителни шокови.

    Во поглед на структурата на растот, за 2023 година се очекува позитивен придонес од нето-извозот и од домашната побарувачка, додека за следните две години надевањата се дека растот ќе произлезе од домашната побарувачка, со најголем позитивен придонес од бруто-инвестициите, заради засилената изведба на капиталните инфраструктурни проекти поврзани со изградбата на патните коридори и приватните домашни и странски инвестиции.

    Инфлацијата и натаму ќе се намалува и на среден рок ќе се сведе на историскиот просек од два проценти2. Според податоците објавени од Државниот завод за статистика, годишната инфлација во октомври забави сведувајќи се на 3,5 проценти. Притоа, со оглед на повисоките годишни стапки од почетокот на годината, просечната инфлација за периодот јануари ‒ октомври изнесува 10,7 проценти. Во натамошниот период се очекува дополнително забавување, па за целата оваа година  би изнесувала околу 9,5 проценти. Инфлацијата и во 2024 значително ќе се намалува до 3,5 ‒ 4 проценти во просек, а понатаму ќе се сведе на околу два проценти.

    Последните оцени за кредитната активност на банкарскиот сектор се непроменети во однос на очекувањата од априлските проекции, односно се задржуваат оцените за забавување на растот на кредитите во 2023 година и постепено забрзување на растот во наредниот тригодишен период. Кредитниот раст на крајот на 2023 година би се свел на 5,7 проценти, додека со постепеното забрзување на економскиот раст и стабилизирањето на очекувањата, се предвидува забрзување на растот на кредитната активност за периодот 2024 ‒ 2026 на 6,9 проценти, во просек. Со оглед на попривлечните услови за штедење, како одраз на мерките преземени од страна на Народната банка и зголемената доверба во домашната валута, како и очекуваниот раст на паричните примања на населението, на крајот од годинава се очекува солиден раст на вкупните депозити од 8,4 насто, повисок од очекувањата во април. За следниот период се проектира натамошен раст, во просек од 7,8 проценти во периодот од 2024 до 2026 година, исто како и во априлската проекција.

    Октомвриските согледувања за надворешната позиција на домашната економија се значително поповолни во однос на априлските оцени, посебно кај тековната сметка, како резултат на помалите увозни притисоци. За 2023 дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања би изнесувал 1,2 отсто од БДП. Значителното стеснување на дефицитот произлегува од пониските цени на енергијата и храната, но и на понискиот количински увоз на суровини и енергенти, во услови кога сѐ уште има високи залихи од претходната година. За 2024 се предвидува благо влошување на дефицитот, кој би изнесувал 2,4 отсто од БДП, што ќе произлезе од постепеното зголемување на трговската размена и стабилизацијата на приватните трансфери. На среден рок се очекува стабилизирање на дефицитот од 2024, што е близу до претпандемиското ниво. Очекуваните финансиски нето-приливи ќе овозможат целосно финансирање на дефицитот на тековната сметка, како и дополнителен раст на девизните резерви. Се очекува дека во целиот период на проекцијата девизните резерви ќе се задржат на ниво што е соодветно на меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на девизниот курс.

    Општо земено, макроекономската слика во поглед на патеката на економскиот раст и на забавувањето на инфлацијата за целиот период на проекциите не се многу променети во однос на априлскиот циклус. Од друга страна, екстерната позиција на домашната економија се оценува како значително поповолна во споредба со претходната проекција, со помал притисок врз тековната сметка, посебно оваа година, и со солидни финансиски приливи, што следствено ќе овозможи задржување на соодветното ниво на девизните резерви на среден рок. Клучните ризици за основното макроекономско сценарио се слични на оние од априлските проекции, при што ризиците од надворешното окружување, и на краток, и на среден рок, и натаму се неповолни. Во овој контекст, неопходно е следење и на политиките кои влијаат врз агрегатната побарувачка во домашната економија. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично