ПОВЕЌЕ

    НАПРЕДНИ ТЕХНОЛОГИИ, ЕНЕРГЕТИКА, ЕВРОПСКА БИЗНИС МРЕЖА: Стопанската комора и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе соработуваат за поддршка на домашната економија

    Време зa читање: 3 минути

    Засилување на врската помеѓу науката и бизнис секторот преку заеднички проектни активности, како и градење на заеднички ставови и иницијативи кои ќе ја поддржат конкурентноста на домашната економија беа темите на денешната работна средба меѓу претседателот на Стопанската комората Бранко Азески и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) проф. д-р Биљана Ангелова.

    На состанокот Азески ја истакна важноста на трансферот на знаење и иновации меѓу бизнисот и образованието, односно науката, како средство за постигнување на остварлив и одржлив економски раст. Двете институции веќе соработуваат на заеднички проекти поврзани со енергетиката, поттикнување на соработката меѓу домашните и странските инвеститори во државата, како и поголемо вклучување на нашите бизниси во Европската мрежа на претпријатија. Но соработката ќе се издигне на повисоко ниво, при што ќе бидат формирани посебни тимови од страна на Комората и на Универзитетот се со цел да се искористат кадровскиот потенцијал и целокупните ресурси на двете институции.

    „Верувам дека заедно можеме полесно да ги надминеме предизвиците со кои се соочува нашата економија и да го обликуваме идниот период на развој и напредок. Нашата заедничка иницијатива и стратегија ќе биде насочена кон зголемување на соработката, нови проектни активности, но и подигнување на стандардите, за што ќе го вклучиме целиот кадровски потенцијал и ресурсите кои не се искористени во целост и во Комората и на Универзитетот. Сакам да потенцирам дека кадровскиот потенција на УКИМ има тежина не само за бизнисот, туку и за целата држава“, нагласи Азески.

    На состанокот во Стопанската комора ректорката Ангелова беше придружувана од деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии проф. д-р Владимир Атанасовски, проектниот координатор на „Европската мрежа на претприемништво“ (ЕЕНОМА) проф. д-р Виктор Стојмановски и проектниот советник на ЕЕНОМА м-р Бети Костадиновска Димитровска.

    Ректорката проф. д-р Ангелова искажа подготвеност за зголемување на соработката со бизнис секторот во повеќе области. Оцени дека развојните иновации и технолошкиот трансфер, практиканството, истражувачките центри на Универзитетот, кадровскиот потенцијал се само некои од точките за кои двете институции може да постават повисоко ниво на соработка. Но и дека соработката ќе се проширува согласно насоките кои дополнително ќе ги дадат двете работни групи на Комората и на УКИМ.

    Стопанската комора веќе десет години наназад реализира проекти каде партнери се и универзитетите. Реализирани се четири проекти во рамки на иницијативата на Европската унија за енергетска ефикасност во партнерство  со УКИМ- Факултетот за електротехнички и информациски науки (ФЕИТ) во кои компаниите, преку енергетските асоцијации во Комората, се вклучени во процесите на примена на нови технологии, обуки зa обновливи извори на енергија, подигнување на свесноста за енергетска ефикасност, но и разни конференции и панел дискусии каде компаниите меѓу себе се вмрежуваат и разменуваат знаења и искуства.

    Дополнително, Стопанската комора реализираше и проекти заедно со УКИМ- Машинскиот факултет во насока на поттикнување на соработката помеѓу домашните и странските инвеститори во државата.

    Еден од клучните проекти е и проектот Европска мрежа на претпријатија кој заедно со УКИМ се работи повеќе од десет години.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично