ПОВЕЌЕ

    Намалените трошоци цементираат висока добивка – „Усје“ со профит од 24,7 милиони евра

    Време зa читање: 2 минути

    Добивка од 24,7 милиони евра оствари скопската Цементарница „Усје“. Резултатот, секако, во најголем дел е базиран на основниот производ, цементот, и неговиот пласман на домашниот и на странските пазари. Иако остварувањата се пониски од 2022, профитот е поголем, што се должи и на намалените трошоци.

    Поголемиот дел од продажбата – 64 проценти, е реализирана на домашниот терен, а 36 отсто се извоз. Вкупниот прилив од продажбата на готови производи изнесува 6.279.878 илјади денари или 101,9 милиони евра. Од нив, 65,58 милиони евра се со домашно потекло, а од странските пазари се слеале 36,31 милион евра.

    Од домашната продажба на цемент се остварени над 60 милиони евра, што е помалку во споредба со 2022 година и со тогаш забележаните 61,9 милиони евра.

    Затоа, пак, повеќе од двојно се зголемени приходите од пласманот на цемент во странство. Од 11,3 милиони евра во 2022, на над 25 милиони евра лани.

    За петнаесеттина милиони евра се пониски расходите. Во текот на 2022 се мереле со 94,87 милиони евра, додека на крајот од минатата година изнесувале 79,73 милиони евра.

    Очекувањата за годинава се умерени. Од „Усје“ се надеваат на зголемена продажба и на намалени производни трошоци, што на крајот ќе се ефектуира во зголемување на оперативниот профит.

    Цементарницата „Усје“ речиси седум децении произведува цемент и други градежни материјали. Членка е на Групацијата „Титан“. Се вбројува меѓу најголемите компании во земјата, која вработува повеќе од 300 лица. Управува со три рудници, а производите, освен на домашниот, ги пласира и на пазарите во регионот, Албанија, Косово и Бугарија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично