ПОВЕЌЕ

    Намалените приходи од дивиденди ја скратија добивката на „Тетекс“

    Време зa читање: 2 минути

    Финансискиот резултат на тетовски „Тетекс“ за периодот јануари-јуни е позитивен, иако добивката е за 65,87 проценти пониска. Сегашното остварување е 128,6 илјади евра, а пред една година износот бил 377 илјади евра. Веројатно, врз ваквиот исход влијаеле приходите од дивиденди, кои се намалени за 62,4 отсто, затоа што другата можна причина – расходите, во случајов се добрата вест со минусот од  38,09 проценти.

    Во неревидираниот единечен биланс на успех е забележано дека се работи за профит од 7.928.000 денари, кој се споредува со минатогодишните 23.230.000 денари.

    Откако го напушти производството на текстил во 2020 година, „Тетекс“ се ориентира кон доходовни активности. Главниот акционер на ТТК банка остварува приходи по неколку основи – од продажба на готови производи, услуги и од примени дивиденди.

    Оттаму и приливите, кои во шестмесечнот период се со износ од 31.763.000 денари (515,5 илјади евра). Како што наведуваат од компанијата, средствата произлегуваат од редовното работење, а вклучени се и приходите од кирии, услуги и продажба на постоечки залихи на готови производи и материјали.

    Во тој контекст е и податокот дека на приходната страна од примените дивиденди се инкасирани 22.668.000 денари (367,87 илјади евра). Ова, за разлика од споредбениот период кога во таа ставка биле запишани 60.281.000 денари или 978,27 илјади евра.

    Позитивно е што расходите се пониски. Од 82.325.000 денари (1,3 милиони евра) во ланското прво шестмесечие, во годинешново опаднале на 50.966.000 денари (827,1 илјада евра).

    Во актуелните услови, напорите на менаџментот се насочени кон менаџирање на „расположивите капацитети на недвижен и движен имот, како и залихите на материјали, производи и стоки, за да се оствари приход и позитивен резултат од работењето, согласно финансискиот план за 2024 година“, велат од „Тетекс“.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично