ПОВЕЌЕ

    НАМАЛЕН ИНТЕНЗИТЕТОТ НА ОТВОРАЊЕ НА ФИРМИ – Лани во октомври и ноември се отвориле 2.248, а годинава 1.192 фирми

    Време зa читање: 3 минути

    За два месеци, во октомври и во ноември годинава, отворени се 1.192 фирми, а лани бројот на новоотворените компании бил значително поголем и изнесувал 2.248 фирми. Претходно Пари објави анализа за затворените компании (http://pari.com.mk/vo-oktomvri-i-vo-noemvri-zgasnale-707-kompanii-11-povekje-od-lani/), која покажа дека во овие месеци има и повеќе згаснати фирми – згаснале 707 компании, за разлика од октомври и ноември 2020 година, кога клуч на врата ставиле 634 фирми.

    Овие податоци на БизнисМрежа.мк, за жал, откриваат влошен тренд за деловните субјекти – повеќе фирми се затвораат, а помалку се отвораат.

    КОИ СЕ ТОП 5 ГРАДОВИ ПО НОВООТВОРЕНИ ФИРМИ?

    (Период: октомври и ноември 2022 година)

    ГрадНовоотворени фирми
    Скопје 560
    Тетово66
    Битола55
    Куманово43
    Штип 35

    Првите 5 места на листата на градови со најмногу новоотворени фирми ги заземаат: Скопје, Тетово, Битола, Куманово и Штип. Кај нив вкупно се регистрирани 759 новоотворени фирми, или една третина од сите нови компании.

    Минатата година, пак, првите 5 градови со најмногу отворени фирми беа: Скопје, со 613 нови субјекти, Куманово, со 188, Тетово, со 132, Струга, со 115 и Битола, со 96 нови фирми.

    Како што може да се забележи, годинава во октомври и ноември, од листата на 5 најатрактивни градови за нови фирми излегла Струга, а во тоа друштво влегол Штип. Сепак, Штип годинава има помалку отворени нови фирми отколку истите месеци лани. Во овој град годинава адреса добиле 35 компании, а лани 43.

    ЗАГУБЕН ИНТЕРЕС ЗА ПРЕРАБОТУВАЧКАТА ИНДУСТРИЈА

    Трговијата е дејност во која речиси секој месец има најмногу отворања и затворања на фирмите. Така и во октомври и ноември се отвориле вкупно 252 компании. Но ако се спореди со истите месеци лани, тоа е мала бројка. Лани, во секторот Трговија на мало и големо, за два месеци се отвориле дури 601 фирма.

    На второ место е секторот Други услужни дејности, со 138 новоосновани компании. Лани нивната бројка била речиси дупла.

    Во секторот Стручни, научни и истражувачки дејности, во претходните два месеци се отвориле 114 фирми. Лани, пак, бројот на новоотворените фирми бил 149.

    Со 102 фирми во угостителството и хотелиерството, тие се на четврто место по отворање нови фирми според податоците за двата месеца. И кај нив имало поголема бројка лани – 193 нови правни субјекти.

    Петтото место е за градежништвото, со 97 нови фирми. Лани во истиот период се отвориле 253 фирми од оваа дејност.

    Но, она што особено „боде очи“ е бројот на новоотворени фирми во преработувачката индустрија. Со 90 нови фирми, таа воопшто не влезе во првата петорка. Претходно, оваа дејност држеше високо место во однос на новоотворени компании, а лани, во октомври и ноември, се отвориле 312 фирми во секторот, со што тој бил на второ место по интерес кај новоотворените компании.

    ТОП 5 ДЕЈНОСТИ ПО НОВООТВОРЕНИ ФИРМИ

    (Период октомври и ноември 2022 година)

    ДејностНови фирми
    Трговија на големо и на мало252
    Други услужни дејности138
    Стручни, научни и истражувачки дејности114
    Објекти за сместување и сервисни дејности102
    Градежништво 97

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично