ПОВЕЌЕ

    НАЈМНОГУ СЕ МАМИ ВО е-ТРГОВИЈАТА: Во плаќањата со картички „изгореле“ 693 илјади евра

    Време зa читање: 6 минути

    За една година, за 80,15 проценти е зголемен бројот на измамите направени во трансакциите со картички. Предизвиканата штетата во 2024 е повисока за сериозни 135,27 насто споредено со вкупната сума од 2023 година. На удар најчесто се граѓаните, а „мека“ за дубарите од овој вид се онлајн нарачките, односно е-трговијата. Случаите во кои се изиграни фирми, освен што се изразито помалубројни, бележат и пад. Всушнот, надолни движења нема многу во статистиката на Народна банка, во сегментот – Измамнички иницирани платежни трансакции коишто ги вклучуваат немонетарните ФИ (физички и правни лица).

    Порталот Пари направи споредба и ги анализираше податоците за 2023 и 2024 година. Ако се има предвид дека во функција се 1.921.914 платежни картички, од кои 1.865.731 им припаѓаат на граѓаните, а 56.183 на правните лица, тогаш може да се каже дека процентот на измамите е низок. Конкретно, регистрирани се 10.402 измами, што претставува 0,54% од сите картички што се користат. Но, ако се погледне состојбата од 2023 година и тогашните 5.774 измамнички иницирани трансакции, тогаш е воочливо дека оваа појава зема замав. Уште повеќе, кога ќе се споредат износите: 693,1 илјади евра лани и 294,6 илјади евра преклани.

     

    Минатата година биле измамени 9.891 физичко лице. За 87,01% повеќе од 2023 година, кога плаќајќи со картичка биле „изгорени“ 5.290 лица. Кај правните лица ситуацијата е сосема поинаква. Од 608 измамени преклани, лани бројката се спуштила на 511. Падот е означен со 15,95 проценти.

    Сите тие биле изиграни за вкупна сума од 693,1 илјада евра. Многу во споредба со претходното салдо од 294,6 илјади евра. Притоа, граѓаните биле оштетени за 589,7 илјади евра. Износот е за 151,17 насто повисок од регистрираниот во 2023 година – 234,7 илјади евра. Раст, но сепак, помал, од 72,82%, има и кај измамите направени при плаќањата со картички од страна на фирмите. Изразено во евра – 103,4 илјади (2023 – 59,8 илјади евра).

    Како што наведуваат од Народната банка, поделбата на податоците за измамнички иницираните платежни трансакции е направена според платежните услуги на: кредитни трансфери, директни задолжувања, платежни трансакции засновани на картичка (со исклучок на картичките со функција на електронски пари), платежни трансакции со електронски пари, парични дознаки и други платежни услуги.

    Интересно е тоа што најмалку се мамат клиентите преку кредитните трансфери, и тоа исклучиво во електронската варијанта. Во хартиена форма – нема измами.

    Во текот на минатата година биле евидентирани 10.106 измами преку платежни трансакции засновани на картичка со платни инструменти засновани на картичка коишто ги издава резидентен ДПУ (давател на платежни услуги). Тоа е за 81,91% повеќе од забележаните 5.556 во 2023 година. Меѓу нив, 9.710 од измамените биле физички лица. Една година порано, се работело за 5.028 граѓани.

    Се случиле лани и 12 измами на некои од банкоматите низ земјава. Во 11 случаи со картички во сопственост на граѓаните. Затоа, пак, во е-трговијата се изброени 9.797 изигрувања, што претставува годишно зголемување од 78,48 насто. А, за повеќе од петпати се зголемил бројот некаде во трговската мрежа на ПОС терминалите.

    Лани биле 289, а преклани 204 измами направени во трансакции засновани на картичка со платни инструменти засновани на картичка коишто ги прифаќа резидентен ДПУ. Онлајн – 142, а на продажните места 147.

    Направената штета во сите минатогодишни изигрувања во плаќањата со картичка е 42.628.244 денари (693,1 илјада евра). Најмалиот удел во севкупната сума го имаат измамите по пат на кредитните трансфери  – за над 30 илјади евра. И тоа, засегнати се само физички лица. Исто како и претходната година. Само што разликата е за 276,01%.

    Податоците и за 2023 и за 2024 година упатуваат на тоа дека најбројни се обидите и најголема е реализацијата на онлајн измамите. Нивната вредност бележи годишен раст од 127,5%. Ако преклани се зборувало за сума од 15.724.206 денари или 255,7 илјади евра, лани прагот се поместил на 35.779.709 денари, односно 581,8 илјади евра. Не треба да се нагласува дека во најголем дел тоа се пари на граѓаните. Износот во евра е 489,8 илјади.

    Пад на вредност има во е-трговијатата во делот насловен “Платежни трансакции засновани на картичка со платни инструменти засновани на картичка коишто ги прифаќа резидентен ДПУ (со исклучок на картичките со функција на електронски пари)”. Од 16,4 илјади во 2023, на 8,4 илјади евра во 2024 година.

    Сепак, овде има нагорно движење кај вредноста произлезена од измамите преку ПОС терминалите. Преклани сумата била 7,7 илјади евра, а лани 49,4 илјади евра.

    Измамнички иницираните платежни трансакции се зголемуваат паралелно со зголемувањето на навиките кај луѓето да ги користат дигиталните можности за извршување разно-разни плаќања. Неодамнешните податоци на Народната банка покажаа дека во 2024 е евидентиран висок годишен раст од 40,2 проценти кај бројот и за 47 насто кај вредноста на плаќањата иницирани по електронски пат. Хартијата и одењето на банкарските шалтери полека, но сигурно се губат од дневната рутина на клиентите. Што не може да се каже за поривите на измамниците.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично