ПОВЕЌЕ

    Најмногу еден месец и заминуваат – Дигиталните номади не ги „држи место“ во Скопје

    Време зa читање: 6 минути

    Во Скопје престојуваат 200 дигитални номади, а петмина наскоро ќе пристигнат. Од тие што некогаш биле тука, само 12 проценти повторно би се вратиле. Ова е моменталната состојба според податоците на nomadlist.com – глобална заедница на лица кои работат од далечина патувајќи низ светот. Сепак, не сите кои го избрале овој начин на живот се на оваа листа, а и тие кои се членови не ги најавуваат секогаш патувањата.

    Спојот на корисното и убавото делува врз брзиот раст на работењето од далечина. Како што е наведено и на платформата, тоа претставува предизвик за илјадници дестинации, од мали приморски села погодни за сурфање до огромните космополитски градови, кои се натпреваруваат да привлечат што повеќе дигитални номади.

    Месечниот престој во Скопје, за оние што дошле од тука да работат некое време, во просек чини 1.322 долари. Меѓутоа, овој износ подразбира евтин хотел или соба во приватно сместување и три оброка дневно. Овој, како и сите други податоци се од платформата nomadlist.com. Престојот во хотел е со средна месечна цена од 797 долари или 37 долари од ноќ. Да се изнајми гарсониера во центарот на градот е 211 долари месечно. За сместување преку Airbnb средна цена за ноќевање е 52 долари, а за едномесечен престој 1.590 долари.

    Од информациите што се пласирани од прва рака, односно од лицата кои престојувале или се уште се во Скопје, вечера во просек чини 3,52 долари, пиво во кафуле 1,76, а такси превозот на релација од три километри 2,16 долари.

    Како позитивни, дигиталните номади кои го запознале Скопје наведуваат неколку работи, меѓу кои – прифатливо за живеење, безбедно, широкопојасен интернет, слобода на говор, луѓето зборуваат основен англиски.

    Сепак, списокот со минуси е нешто подолг. Тука е запишано – прилично спор интернет, нема што да се прави, студено е во зима, лош квалитет на воздухот во текот на целата година, нема многу членови од номад листата, плаќањата најмногу се во кеш, посебно за странци, лоши услови во болниците, непријателски расположени кон ЛГБТ, луѓето многу пушат. Исто така, наведено е и – не е безбедно за жени. Можеби затоа меѓу дигиталните номади кои се сега во Скопје, само 20 отсто се женски, односно 40 на број.

    Во зависност од тоа кој што очекувал и како ги доживеал Скопје и Македонија, различнии се и оние малку рецензии што ги има на платформата. „Убав мирен град, полн со споменици! Местото може да се посети за најмногу една недела, би го препорачал Охрид за следна посета“.

    Некој смета дека е доволно да се мине една недела во Скопје и тоа ако се работи полно работно време. „Луѓето се прилично пријателски расположени и има неколку интересни работи што треба да се направат и видат. Сепак, еден месец или повеќе е премногу, според моето мислење“.

    Најдолгата и најдобра рецензија е напишана пред девет месеци: „Скопје и воопшто, Македонија, ги сметам за супер интересни. Стариот дел од градот има свој ориентален шарм, луѓето се љубезни и се чувствува сигурно. Мобилната телефонија е пристапна и имаат одлична покриеност. И широкопојасен интернет. Локалната кујна е одлична, ако не сте веган/вегетаријанец, бидејќи е богата со месо и сирење. Нема голема разновидност, има само домашна храна, италијанска и мексиканска. Опкружен е со планини, а на блиската планина Водно има можност за одлични прошетки. Скопје е исто така близу до Националниот парк Маврово, до ски-центарот и езерото, плус националниот парк до Тетово, кој топло го препорачувам (пешачењето започнете го од Попова Шапка). Битола е навистина раздвижен град со извонредни вибрации. Ќе одиме во Охрид кој е најпознатата туристичка дестинација. Препорачувам во Скопје да останете најмногу еден месец“.

    И во другите рецензии има пофални зборови и се посочува дека Скопје вреди да се види, но никој не препорачува престој барем тримесечен, колку што засега е законски дозволениот непрекинат престој за странци. Оттаму и потребата државата да создаде услови за нивно привлекување.

    Патем, треба да се напомене дека веќе две години предлог законот за изменување и дополнување на Законот за странци е на листата на чекање. Во него се содржани и уредби кои се однесуваат на дигиталните номади. Освен што се дефинира тој поим – дигитален номад, како „државјанин на трета земја кој извршува работа преку комуникациски технологии за фирма (работодавач) или сопствена фирма, која не е регистрирана во Република Северна Македонија и не работи за работодавачи на подрачјето на нашата држава“, се предвидува и можноста за престој подолг од 90 дена. Односно се овозможува привремен престој од една година, кој може и да се продолжи. Засега, само на хартија.

    Јасно е дека номадите работат за работодавачи од странство, но нивниот престој низ државите дава економски ефекти. Пред се, и тие се потрошувачи кои оставаат значителни средства таму каде што престојуваат. Податоците велат дека низ светот патуваат и работат повеќе од 20 милиони дигитални номади, а секој од нив месечно троши најмалку 1.300 долари.

    Ефектите за земјите можат да бидат мошне значајни. Зашто, доколку дојденците имаат позитивно искуство, тие ќе го пренесат, а добриот глас далеку се слуша. На тој начи се врши промоција и државата може да биде препознаена и како погодна дестинација за инвестиции.

    Според движењето на членовите, nomadlist.com направил рангирање на дестинациите кои брзо растат во последните пет години, со исклучок на пандемиската 2020 и веќе се етаблирани меѓу лицата кои не можат да седат на едно место. Значи, во периодот од 2018 до 2023 година најголемо внимание привлекол Тбилиси во Грузија, при што има раст од 266 проценти. Веднаш зад него, со 254 проценти е Белград – Србија, каде што во моментот престојуваат 2.600 номади. На третото и четвртото место со раст од 250, односно 232 насто се мексиканските Тулум и Плаја дел Кармен. Со раст од 189 проценти следи Валенсија – Шпанија, на шестата позиција е повторно Мексико, овојпат со Мексико Сити (+150%), а на седмата е Минхен – Германија (+143%). Главниот град на Австрија е на осмото место (+137%), на деветото е Порто – Португалија (+134%), а во топ 10                е и Сеул – Јужна Кореа со раст од 130 проценти.

    Што се однесува до градовите од овие простори, во моментов во Софија од далечина работат 1.200 лица, а Тирана, Солун и Загреб се домаќини на по 800 дигитални номади. Во Подгорица состојбата е иста како и во Скопје – 200, додека за Приштина еден номад е во најава, кој има намера да остане таму четири дена.

    Маја Анастасова

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично