Меѓу најголемите поединечни исплатени штети пет се за осигурување од задолжителна автомобилска одговорност, четири од осигурување имот. Најголемата исплатена сума за штета од каско изнесува 94.000 евра, а за покритие од зелен картон е платено обештетување од 221.000 евра
Најголемата исплатена бруто штета од осигурување лани изнесува 23,5 милиони денари (382.000 евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). Штетата е исплатена е на правно лице за имот кој бил осигуруван во осигурителната компанија за неживот „Осигурување Македонија“.
Од најголемите поединечни исплатени штети (за секоја од 11 компании за осигурување неживот) лани пет се за исплата на задолжителна автомобилска одговорност, четири се за осигурување имот, а по една штета за каско осигурување моторно возило и зелен картон.
Втор највисок износ за обештетување, во конкуренција на осигурителните друштва кои покриваат ризици од неживот, е исплатен за осигурување имот од пожар. Станува збор за правно лице кое имало осигурување во „Уника“ за чие покритие оваа компанија исплатила 17,37 милиони денари (282.000 евра).
Најголем износ за штета која произлегува од задолжителната автомобилска одговорност лани исплатила „Сава Осигурување“ и износот е 13,5 милиони денари (219.500 евра). Речиси ист износ исплатила осигурителната компанија „Триглав осигурување“ за штета што е покриена со зелен картон. Најголемата штета што лани ја исплатил „Еуролинк“ изнесува 9,23 милиони денари (150.000 евра) и се однесува на обештетување по основ на пожар на имот. „Винер“ пак за покривање на штета врз имот лани на клиент платил 9,16 милиони денари (149.000 евра).
Во сегментот каско осигурување најголема штета лани исплатила „Кроација осигурување“ и таа изнесува 5,78 милиони денари (94.000 евра).
Најголеми поединечни штети во сегментот задолжителна автомобилска одговорност лани исплатиле и „Осигурителна полиса“ 7,6 милиони денари (124.000 евра), „Халк Осигурување“ 4,16 милиони денари (68.000 евра), „Евроинс осигурување“ 3,76 милиони денари (61.000 евра) и „Граве неживот“ (38.000 евра).
Граѓани, компании и институции од пријавени штети лани наплатиле вкупно 4 милијарди денари (65,1 милиони евра) што е на исто ниво како и во 2019 година. Од тоа за штети по полиси за неживотно осигурување компаниите на осигурениците исплатиле 3,57 милијарди денари (58 милиони евра). Исплатите на штети по основ на осигурување живот изнесуваат 436,9 милиони денари (7,1 милиони евра)