Цените на нафтата забележаа остар пад во вторникот, враќајќи се на нивоата пред почетокот на неодамнешниот конфликт меѓу Иран и Израел. Инвеститорите позитивно реагираа на веста за прекин на огнот, иако останува неизвесно дали истиот ќе се одржи.
Глобалниот бенчмарк за сурова нафта, Брент, падна за 6,1%, достигнувајќи 67,14 долари за барел. Американскиот референтен стандард, Западна Тексас Интермедијет (WTI), падна за 6%, на 64,37 долари за барел. Овие цени се слични на оние регистрирани пред Израел да изврши напад на ирански нуклеарни постројки на 13 јуни.
Нападот иницираше 12-дневен конфликт, во кој двете страни разменуваа ракетни напади, со вклучување и на САД како најголем сојузник на Израел. Претседателот Доналд Трамп го објави прекинот на огнот доцна во понеделникот, но само неколку часа подоцна Израел го обвини Иран за нарушување на договорот, што Техеран го негираше. И покрај тензиите, прекинот на огнот беше на сила од вторник попладне.
Американските берзи реагираа позитивно: Dow Jones порасна за 507 поени (1,19%), S&P 500 порасна за 1,11%, Nasdaq Composite скокна за 1,43%.
„Може да има пречки по патот, но пазарот смета дека овој конфликт е веројатно завршен“, изјави Роберт Јагер од Mizuho Securities.
Лукман Отунуга од FXTM предупреди: „Доколку тензиите повторно се зголемат, инвеститорите би можеле да се свртат кон сигурни средства како златото, а акциите да се најдат под притисок.“
Пазарите се смирија и поради намалениот ризик за затворање на Ормутскиот теснец, преку кој поминува четвртина од глобалната нафта, според Меѓународната агенција за енергетика. Тој ризик значително би ги зголемил цените на нафтата, но во моментов изгледа сѐ помалку веројатен.
Според „Голдман Сакс“, цените би можеле да надминат 100 долари за барел доколку дојде до продолжено прекинување на протокот на нафта.
„Ако примирјето се одржи, Брент би можел да се движи околу 70 долари за барел додека не се разјасни договорот меѓу САД и Иран“, вели Мукеш Сахдев од Rystad Energy.
Цените на нафтата забележаа скок по почетокот на конфликтот, достигнувајќи петмесечен максимум минатата недела. Сепак, во понеделникот паднаа: WTI: -7,2%, на 68,51 долари (најголем дневен пад од април), Брент: -7,2%, на 71,48 долари (најголем пад од август 2022)