
Ако генеративната вештачка интелигенција е новата дигитална револуција, тогаш младите Европејци се нејзините најбрзи амбасадори.
Алатки за генерирана вештачка интелеганција (ВИ) во Северна Македонија користат 45,4 отсто од младите на возраст од 16 до 24 години, што е под европскиот просек од 63,8 проценти, покажуваат податоците на Евростат за 2025 година.
Овие бројки ја позиционираат земјава под просекот на Европската Унија, каде речиси две третини од младите веќе активно користат генеративна вештачка интелигенција. Разликата од повеќе од 18 процентни поени укажува на побавно темпо на прифаќање на новите технологии, но истовремено покажува дека и кај нас речиси секој втор млад човек веќе користи вакви алатки.
Во рамки на ЕУ, највисока употреба е забележана во Грција со 83,5%, Естонија со 82,8% и Чешка со 78,5%. Најниски удели има во Романија со 44,1%, Италија со 47,2% и Полска со 49,3%. Со своите 45,4 проценти, Северна Македонија се наоѓа блиску до долниот дел од оваа европска скала.
Регионалната споредба дополнително ја става во перспектива позицијата на земјава. Во Босна и Херцеговина 65,4% од младите користат ВИ, во Хрватска 58,2%, во Бугарија 50%, додека во Србија 47%. Тоа значи дека македонските млади користат генеративна вештачка интелигенција повеќе од своите врсници во Србија, но значително помалку од оние во Босна и Херцеговина и Хрватска.
И во Европската Унија и во Северна Македонија важи истиот тренд – младите до 24 години речиси двојно повеќе користат ВИ во споредба со општата популација на возраст од 16 до 74 години. Ова јасно покажува дека дигиталната трансформација најпрво ја предводи младата генерација.
Кога станува збор за намената, младите најчесто ја користат вештачката интелигенција за приватни цели – 44,2%, потоа за помош во образованието – 39,3%, додека 15,8% ја користат за професионални потреби. Овие податоци говорат дека генеративната ВИ веќе е дел од секојдневието, учењето и постепено од работната сфера.
Бројките не се само статистика, туку сигнал за тоа каде се движи новата генерација. Прашањето за Македонија не е дали младите ќе продолжат да ја користат вештачката интелигенција, туку дали системот, образованието, институциите и бизнис секторот ќе успее да го следи и поддржи тој тренд со соодветни политики, знаења и дигитална инфраструктура.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








