Од денеска пензионерите ќе може да располагаат со мајските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа, а готовинската исплата на пензии за пензионерите кои не користат картички ќе се изврши во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата: за пензии со висина до 11.000 денари, исплатата ќе се изврши исто така од денеска; за пензии со висина 11.001-14.000 денари исплатата ќе се врши утре; за оние од 14.001-18.000 денари во среда и за пензии со висина над 18.001 денари, исплата ќе се изврши во четврток.
ШТО КАЖУВА СТАТИСТИКАТА НА ФОНДОТ ЗА ПИОМ?
Фондот за ПИОМ последни податоци има објавено за март, а тогаш веќе е вкалкулирано зголемувањето на пензиите за 8,4 проценти, со што просечната пензија се зголеми од 17.662 денари на 19.113 денари. Но, како и во секој просек има многу мали и високи бројки.
Високите бројки, односно пензија нешто над 1.000 евра е привилегија на 408 пензионери. Всушност, овие пензии се движат од 62.697 денари до 69.803 денари. Во максималните пензии, како што ги води и статистиката на Фондот за ПИОМ спаѓаат и оние од 48.304 денари, потоа од 50.320 денари и од 51.840 денари, а со вакви пензии има 1.073 пенионери. Сите овие пензионери се добитници на максимално можни пензии, зависно од периодот кога се пензионерале. Највсиокиот макимум е за оние што го оствариле правото на пензија од 1 јануари 2022 година.
Најниски пензии пак имале 35.478 пенизонери од вкупно 334.057 пензионери, или 10,6 проценти живееле во март со пензиии од 11.897 денари до 15.250 денари. И овде, кој колкава пензија зема ако е во загарантираниот минимум, зависи од тоа во кој период го остварил правото на пензионирање. Најлошо поминуваат оние кои тоа право го оствариле од 1 јануари 1997 година и се во третата група на минимални пензии. Токму тие се со најнискиот износ од 11.897 денари, а ги земаат 1.454 пензионери.
Од најниска до највисока пензија
Најниска пензија | 11.897 денари | 1.454 пензионери |
Просечна пензија | 19.113 денари | 334.057 пензизонери |
Највисока пензија | 69.803 денари | 75 пензионери |
ПОЛОВИНА ОД ПЕНЗИОНЕРИТЕ СО ПЕНЗИИ ДО 16.000 ДЕНАРИ
Податоците од Фондот за ПИОМ покажуват дека за многу пензионери просечната пензија од 19.113 денари е само желба. До 16.000 денари земаат 48,26% од примателите на пензија. Од 16.001 до 22.000 земаат 23,54%, а над тој износ се 28,18%.
Редакција Пари