Геодетските компании во земјава добро мереле минатата година. Мапирањето на успехот покажува дека работата им донела вкупни приходи од 527,93 милиони денари или 8,58 милиони евра. За 12,19 насто повеќе во споредба со претходната 2023 година. Добивката е зголемена, но растот е поскромен – за 3,54 проценти, а достигнат е износ од 69,4 милиони денари, односно 1,13 милиони евра. Бројот на вработените во оваа дејност благо е намален, од 387 на 384 лица, но платите значително пораснале. Просечно месечно биле исплатувани по 3,16 милиони денари, што е еднакво на сума од 51,4 илјади евра.
Оваа слика ја даваат 119 геодетски фирми, чии податоци се достапни во базата на Бизнис Мрежа. Инаку, од Комората на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи ја добивме информацијата дека во државата има вкупно 132 лиценцирани геодетски фирми, од кои 46 се во Скопје.
Извор: Бизнис Мрежа
Пари ги анализираше постигнувањата на десетте најуспешните геодети – по приход, добивка и според бројот на работно ангажираните лица.
ДВЕ ФИРМИ СО ПРИХОДИ КАКО ЗА ОСУМ
Од аспект на приходите, заедничките остварувања на десетте фирми кои привлекле најмногу пари во текот на минатата година се во износ од 3,53 милиони евра. Тоа е за 10,81 насто повеќе од 2023 година. Приливите се движат од над 190 до над 870 илјади евра.
Во приходот на сите фирми (119), овие од топ 10 листата на најприходните партиципираат со 41,11 проценти.
Предводник со инкасираните средства од близу 872 илјади евра е скопскиот Гео Поинт. Притоа, бележи и годишен раст од 68,62 насто, кој му овозможил од второто (2023) да премине на првото место.
Зад него е фирмата, со која всушност, ги замениле позициите. Гео Балкан од Битола лани е рангиран како втор со приходот од 860,6 илјади евра, а преклани бил прв (833,8 илјади евра). Има стабилен пазарен удел, а годишната промена е +3,21 насто.
Другите фирми што следат, со приходите се далеку зад овие две. Конкретно, скопската и битолската геодетска фирма имаат приливи од 1.732.300 евра, со кои зафаќаат 49,1 отсто. И, за 64,6 илјади евра заостануваат зад заедничкиот учинок (1.796.900 евра) на осумте фирми од листата.
Сепак, треба да се посочи дека четири фирми регистрирале пад на приходите – од најниските 2,96 отсто (Гео-Кат Инженеринг) до највисоките 50,34 отсто. Преполовени се приливите на Гео Каевски од Скопје: од 435,5 илјади евра во 2023 на 216,3 илјади евра лани, што го позиционира на седмото скалило од оваа табела.
Инаку, шест фирми се со приходи од 211 до 285 илјади евра. На третата позиција е Гео Инг од Делчево со остварени 284,9 илјади евра (+31,98%), на четвртата скопски Геопроект Инженеринг со 253,4 илјади евра (-21,73%).
По годишниот скок од 176,55 насто се издвојува Геопроект Плус Инженеринг од Скопје. Со сумата од 224,3 илјади евра го зазема петтото место на оваа листа.
Приходите на последните две фирми не досегаат до прагот од 200 илјади евра. Под реден број 9 е Гео Сурвеј Џила од Струга. Лани приливите измериле раст од 75,15 насто и износ од 211 илјади евра. Десеторангиран е Геоплан-ЈФ од Тетово – со пад од 42,34 отсто и приход од 190,9 илјади евра.
Извор: Бизнис Мрежа
КАЈ ДЕСЕТ ГЕОДЕТИ МАПИРАНИ 58 ОТСТО ОД ПРОФИТОТ ВО ДЕЈНОСТА
За разлика од приходите кои се зголемени, заедничката профитабилност на десет геодетски компании е намалена за безмалку два проценти. Но, и со тоа, нивниот разултат претставува 57,97 отсто од вкупната добивка (1.128.500 евра) во дејноста.
И покрај тоа што годишната промена е негативна (-29,04%), на битолскиот Гео Балкан не му е одземена лидерската палка. Челната позиција ја задржал со профитот од 198,2 илјади евра, иако „победата“ била поубедлива преклани (над 279 илјади евра).
На второто место е Гео Инг од Делчево со добивката од 134,2 илјади евра (+149,94%), а на третото Геопроект Плус Инженеринг од Скопје со 53,3 илјади евра, сума која оди заедно со високиот раст од 240,89 насто. А, пак, Гео Поинт, иако е прв по приходот, има добивка од 53 илјади евра, која во однос на 2023 година е пониска за 65,5 отсто. Тоа, впрочем, е и најголемиот пад меѓу десетте најпрофитабилни фирми.
Рекордер во процентуалниот раст е струшкиот Гео Сурвеј Џила. Регистрираните плус 984,58 насто немаат конкуренција. Профитот за 2024 година е 47,7 илјади евра и е огромен кога ќе „застане“ до прекланските 4.400 евра.
Најнискиот профит го остварил Геопроект Инженеринг од Скопје, од 27,3 илјади евра, при што во овој случај има намалување од 61,77 отсто.
Извор: Бизнис Мрежа
КОЛКУМИНА ГО МЕРАТ ТЕРЕНОТ
Иако на ниво на дејноста вработеноста е осипана, кај десетте најголеми работодавачи лани имало за 14,47 насто поброен кадар во однос на претходната 2023 година. Овие компании ангажираат 22,66 отсто од работната сила во оваа област. Се работи за 87 вработени лица. Различниот обем на активностите ја диктира бројноста на екипите, која се движи од шест до 14.
Најголем е тимот со „дресот“ на Гео Балкан од Битола. Од седум во 2023, се зголемил на 14 во 2024, со што го има и највисокиоте процент на раст од 100 насто.
Единствен што за една година забележал пад од 8,33 отсто, што практично значи еден вработен помалку, е второпозиционираниот Геоплан-ЈФ од Тетово. Промени нема кај четири фирми. Тоа се однесува и на најмалубројниот колектив Гео Каевски, кој на теренот делува со шест лица.
Извор: Бизнис Мрежа
Иако делува дека се во сенката на големите градежни компании, геодетските фирми се основниот темел за сите инфраструктурни, градежни и урбанистички проекти. Нивната работа обезбедува прецизно мерење, планирање и просторна анализа – активности без кои не може да се почне ниту една сериозна инвестиција. Притоа, сигурно е дека градежната експанзија и технолошкиот напредок ќе продолжат да ја зголемуваат побарувачката за нивните услуги.
Маја Анастасова