Пеколно жешкото лето последниве години ги остави Скопјани без многу опции за разладување во урбаното опкружување. Но, една од подобрите се наоѓа во населбата Аеродром – тоа е базенот Аеродром или како што постарите Скопјани се уште го викаат – Воениот Аеродром.
Откако во изминатиот век служел главно за рекреативните потреби на припадниците на тогашната југословенска војска и членовите на нивните семејства, стационирани во Скопје, базенот во Аеродром, кој денес е отворен за сите категории на граѓани, е еден од ретките базени на отворено, од постар датум, кој се уште функционира и ефикасно ги разладува посетителите во топлите летни денови.
Со оптимален капацитет од околу 500 капачи и посетители, базенот Аеродром е отворен секој ден од 10 до 18 часот за рекреативците, додека термините по 18 часот се главно наменети за пливачките школи. Цената на еден билет чини 400 денари за возрасни, 200 денари за пензионери и деца до 12 годишна возраст, додека за деца до четиригодишна возраст влезот е бесплатен.
Освен големиот базен со димензии 75 со 30 метри, кој е длабок од 1 до 3,80 метри, за најмалите и за непливачите на располагање е и мал базен со длабочина од 70 сантиметри. Иако базенот располага со две скокалници, пониска и повисока, управата годинава одлучила да не дозволи пристап на нив, од безбедносни причини. Што си е сигурно, сигурно е.
Просторот околу базенот е одлично место за одмор, пред, се, поради раскошните сенки на зачуваните стари дрвја, а, освен маси и столчиња околу базенот и на откриената тераса, има и лежалки, чиешто издавање чини по 50 денари. За комплетно „плажа“ доживување, посетителите имаат на располагање и вистинска песочна плажа, која е и најомиленото место за престој и игра на најмалите.
Тука е и она, можеби најважното, а тоа е – квалитетот на водата. Таа е и најголема грижа на фирмата која стопанисува со базенот – водата се прочистува и филтрира и редовно се проверува со земање примероци кои потоа се анализираат од страна на Институтот за јавно здравје. „Навистина се грижиме за тоа водата во базенот да ги задоволува сите хигиенски стандарди. Базенот се чисти со робот и рачно, има современи водни пумпи и филтри кои постојано работат, а температурата на водата ја одржуваме пријатно освежителна, на 22 степени Целзиусови, што гарантира убаво разладување за капачите“, велат од управата на базенот.
Санитарните јазли се реновирани пред неколку години и делуваат пристојно и чисто, а на располагање на капачите им се и тушеви.
На базенот, најчесто посетуван од младите, секогаш има добра музика, а на шанкот и добро послужување. “Не ни беше примарна цел да нудиме раскошна забава или богато мени, туку квалитет на она што ни е основна дејност, а тоа е – рекреација во базенот. Најважно ни беше посетителите да можат да се освежат и да каснат нешто, скромно, но свежо подготвено. За таа цел, од пијалаци можат да се добијат сите видови безалкохолни пијалаци и кафе, додека од алкохол служиме само пиво. Од храна, правиме сендвичи со плескавица, тостови и хот-дог“, велат од управата на базенот Аеродром. Цените се прифатливи за пошироката публика.
Базенот е под будните очи на постојано присутната екипа на лиценцирани спасители, а тука е и медицинска сестра која, доколку е потребно, има на располагање соодветна медицинска опрема за итни случаи. Ова рекреативно катче има и свое обезбедување, а повремено, во обиколка, го посетуваат и припадници на силите на јавниот ред и мир. Мирниот и, би се рекло, домаќински амбиент, без ексцеси, затоа е привлечен и за семејства со деца, а, евидентно од нивното присуство, и за странците кои го посетуваат или подолго престојуваат во градот.