ШЕСТ МЕСЕЧЕН ПРЕСЕК– Договорено зголемување на пензиите.. од септември натаму пензионерите секој месец ќе имаат просечно 900 денари плус на својата сметка; за прв пат во март месец исплатена досега највисоката пензија од 60,294 денари; директна државна финансиска помош од 3,000 денари исплатени во април, мај и јуни.
Но и …ковидот ја зголеми смртноста кај пензионерите па се испразни касата на Солидарниот фонд…посмртнината привремено се намали од 30,000 на 25,000, а се зголеми и сумата што пензионерите ја одвојуваат за Солидарниот фонд на 180 денари ( претходно 120 сега 150 денари се за Фондот и 30 денари задолжителна членарина).
Што добија, а што изгубија пензионерите во првата половина од 2022 година? И покрај ковидот кој најмногу ги погоди повозрасните граѓани и инфлацијата, дали преземените мерки ќе бидат доволни да се подобри животниот стандард на овие граѓани?
Сепак и натаму постои огромен јаз меѓу најниската и највисоката пензија, па и бенефициите различно ќе се почувствуваат. Всушност ако се земе дека најниската пензија според статистиката на ПИОМ во делот најниски пензија изнесува во јуни 10,276 денари, а највисоката 60,294 денари разликата покажува дека пензијата што некој пензионер ја зема за еден месец, на друг му требаат речиси 6 месеци за да ја достигне сумата. Ако пак како најниска пензија се земе земјоделската просечна пензија која изнесува 8,484 денари тогаш на овие пензионери им требаат 7 пензии за да ја стигнат највисоката месечна пензија.
Во јуни бројот на пензионери изнесувал 327.678 лица, покажува статистиката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Просечната пензија истиот месец била во висина од 16,384 денари.
И натаму највисока просечна пензија земаат корисниците на воена пензија 23,507 денари. Корисниците на старосната пензија кои се најбројни во јуни имале просечна пензија од 17,653 денари, инвалидската изнесува 14,687 денари, а просечната семејна пензија 13,033 денари. Најниска е земјоделската пензија и просечните примања кај овие пензионери изнесува само 8,484 денари.
ЈАЗОТ СЕ ПРОДЛАБОЧУВА, РАСТЕ БРОЈОТ НА ПЕНЗИОНЕРИ СО НАЈМАЛА И НАЈВИСОКА ПЕНЗИЈА СЕ ТОПИ СРЕДИНАТА
Најголемиот дел од пензионерите земаат пензија што спаѓа во највисоката квота или пак во најниската. Податоците говорат 102.021 пензионер, што е најбројна група (31.13%) земаат пензија над 18.001 денар. Втората по бројност е групата пензионери што земаат пензија до 11.500 денари и нивниот број изнесува 90.162 (27.52%). Не е за потценување ниту групата на пензионери што земаат од 11.501 денар до 14.000 денари. Нивниот број изнесува 66.254 (20.22%). И 69.241 пензионер (21.13%) земаат пензија помеѓу 14.001 и 18.000 денари.
НАЈНИСКИ ПЕНЗИИ
Најниските пензии се групирани во три групи во зависност во која година пензионерите заминале во пензија. Пензионерите од 1996 година земаат пензија од 12.576 денари до 13.172 денари. Нивниот број во јуни месец е 10 005.
Бројот на пензионери од 1997 година изнесува 4.199. Нивните пензии се движат помеѓу 10.276 денари и 11.469 денари.
Третата група на пензионери со најниски примања што заминала во пензија во 2002 е најбројна, 67 770. Нивните пензии се движат од 10.791 денар до 12.042 денари.
НАЈВИСОКИ ПЕНЗИИ
Во јуни бројот на пензионери со максимални пензии изнесува 1,353. Во оваа група висината на пензиите се движи од 41.724 денари до највисоката 60.294 денари. Од нив, најмногу 867 пензионери земаат пензии во висина од 43.465 денари. Највисоката меѓу максималната пензија (60.294 денари) што почна да се исплаќа од март ја земаат 34-ца пензионери.
Бројот на нови корисници на пензија во јуни изнесувал 1583. Истиот месец починале 889 пензионери.
Редакција Пари