Позитивно е работењето на „Фруктал Мак“ во деветте месеци од годинава, но добивката е речиси три пати пониска во споредба со истиот минатогодишен период. Соодносот е 346 илјади евра – 969 илјади евра.
Оперативни приходи се намалени. Од ланските 6,9 милиони евра (423.424.000 денари) на сегашните 5,6 милиони евра (345.041.000 денари).
Бројките покажуваат дека има потфрлување кај продажбата на природните овошни соковите и на домашниот и на странските пазари. На последниот ден од септември забележан е прилив од 5,5 милиони евра (341.155.000 енари). Минатата година во тој сегмент биле евидентирани 6,7 милиони евра (416.321.000 денари). На домашен терен остварени се приходи од 2,6 милиони евра наспроти минатогодишните три милиони евра. А, на странскиот, кој ги опфаќа пазарите во Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора – 2,9 милиони евра (лани 3,7 милиони евра), што упатува на голем минус од 800 илјади евра во делот на извозот, кој понатаму се рефлектира во конечните резултати.
Пад има и кај оперативните расходи за речиси еден милион евра. Годинава се во износ од пет милиони евра (309.412.000), а лани до крајот на септември изнесувале близу шест милиони евра (368.022.000 денари).
Меѓу трошоците најголемата ставка се суровините и други материјали со 3,3 милиони евра, за кои минатата година биле потрошени четири милиони евра. По нив следуваат вработените, за кои се издвоени 478 илјади евра, износ кој го надминува ланскиот од 450 илјади евра.
Оперативна добивка на компанијата е 397 илјади евра и е намалена од минатогодишните нешто повеќе од еден милион евра.
По сите овие бројки кои се параметри за работењето до септември, се доаѓа до изосот на нето добивката од 21.319.000 денари или околу 346 илјади евра.