ПОВЕЌЕ

    На Берзата во март – Акцијата на НЛБ банка со најголем раст на просечната цена

    Време зa читање: 3 минути

    Март нема да се вброи меѓу подобрите месеци за Македонската берза, особено што обележан со доминантен минусен предзнак уследи по одличниот февруари. Многу фактори влијаат врз берзанските движења и нивната променливост, па соодветни се и вредностите на акциите издадени од котираните друштва.

    Во мартовскиот билтен на Берзата забележано е дека акцијата на НЛБ Банка Скопје ја предводи петорката класифицирана според најголемиот месечен раст на просечната вредност. Поместувањето е за 13,61 процент. Од 34.988,57 денари во февруари, се зголемила на 39.750 денари во март. Инаку, хартиите од вредност издадени од оваа банка постојано се и меѓу првите пет најтргувани, што стимулативно се рефлектира кај цената.

    Второпозиционирана е акцијата на „Европа“. На последниот ден од минатиот месец достигнала просечно ниво од 3.168 денари. Тоа е за 6,06 насто повеќе отколку на 29 февруари, кога изнесувала 2.987 денари.

    Следи Винарската Визба „Тиквеш“ од Кавадарци. На крајот од вториот месец просекот бил 6.152 денари, а на крајот од март – 6.500 денари. Тоа претставува зголемување за 5,66 проценти.

    Постојано првата акција меѓу најтргуваните – на Комерцијална банка, во оваа категорија е четврторангирана. Со раст од 5,51 процент, просечната цена од 17.010,44 денари во февруари, се поместила на 17.947,95 денари во март.

    И КОГА ПАЃА ИНТЕРЕСОТ НА ИНВЕСТИТОРИТЕ – Акциите на Комерцијална банка и „Алкалоид“ се константа

    Листата се заокружува со скопски „Макошпед“. На 29 февруари просечната цена на акцијата изнесувала 219 денари, а на 31 март 231 денар, што значи раст од 5,48 насто.

    Берзанската месечна статистика најголем пад на просечната цена регистрирала кај акцијата на ФЗЦ „11 Октомври“ Куманово. Се работи за минус 45 проценти, со што вредноста се „лизнала“ од февруарските 400 на 220 денари во март.

    Другите акции кои се во оваа група, се со далеку пониско процентуално намалување.

    На второто место е акцијата емитувана од скопски „Макстил“, со пад од 4,32 отсто. На 29 февруари просечниот износ бил 139 денари, а на 31 март 133 денари.

    Со просечна цена од 1.455 денари, акцијата на ТТК банка е на средината од оваа листа. Споредено со февруарските 1.515 денари, има намалување од 3,96 отсто.

    До акцијата на „Оранжерии Хамзали“ Струмица е запишан минус од 2,60 проценти. Просечната цена забележана минатиот месец е 300 денари. На крајот од февруари била 308 денари.

    Како што на позитивната листа има две банки, така и на оваа. Акцијата на УНИ банка, која на 29 февруари вредела просечни 7.100 денари, на 31 март опаднала на 6.932 денари. Негативата е 2,37 проценти.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично