Фармацевтската компанија Алкалоид 85 години успешно опстојува на пазарот. Одличните резултати во работењето се препишуваат на квалитетните кадри кои работат во компанијата, квалитетните производи, на брендот Алкалоид и на поединечните брендови кои ги граделе генерации алкалоидовци наназад. Во интервју за економијабизнис.мк првиот човек на Алкалоид, кој 15 години е на позицијата генерален директор, Живко Мукаетов ги набројува клучните стратешки одлуки кои ја издигнале компанијата на ова ниво, како и улогата и снаоѓањето на оваа компанија во една од најтешките здравствени кризи во светот.
“Ако треба да издвојам некои од клучните стратешки одлуки би ги споменал: изградбата на капацитетите за производство на цефалоспорински антибиотици, изборот на англиската агенција за лекови МХРА (MHRA) како референтна, дигиталната трансформација на компанијата, дуплирањето на бројот на отворени канцеларии надвор од базата во Скопје, формирање на Институтот за истражување и развој, Центарот за контрола на квалитет, отворањето на производен погон во соседна Србија, формирањето на Секторот за бизнис-развој и ред други кои придонесоа пласманите од 53 милиони евра во 2005 година да пораснат на 197 милиони евра во 2020 година”, посочува директорот Мукаетов.
Алкалоид е шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа, со 1 860 вработени во базата во Скопје и 570 во подружниците надвор од Македонија; пласмани во 40 земји во светот и добро распространета маркетиншка мрежа од 20 канцеларии распоредени во 14 земји во светот, која покрива пазар од преку 200 милиони жители. Акциите на Алкалоид се едни од најтргуваните акции на Македонската берза за хартии од вредност, а друштвото има регистрирани над 5 100 акционери. Компанијата важи за еден од најголемите плаќачи на данок во државава, со платени даноци кон државава во 2020 година во износ од над 18,25 милиони евра и во моментов има активни 1 130 домашни доставувачи.
-Историски гледано, Алкалоид има континуиран раст во изминативе 16 години. Ако во 2019 година имавме раст на продажбите од 13 % и нето-добивка од 18 % споредено со 2018 година, во 2020 година истите параметри беа 9 % раст на продажби и 15 % кај нето-добивката. Уште на почетокот на здравствената криза, ние како индустрија ги намаливме цените на 158 наши производи кои се клучни за потрошувачите во услови на пандемија и покрај енормното покачување на цените на суровините. Осигуривме континуитет во производството и покрај недостигот на репроматеријали и застојот во транспортните коридори. Оваа криза сите нас нѐ потсети на огромното значење на домашното производство во стратешки важните индустрии за една држава како што се фармацевтската и прехранбената”, истакнува Мукаетов.
Освен поевтинување на лековите Алкалоид беше и прва македонска компанија која донираше износ од 200 000 евра на посебната наменска донаторска сметка на македонското Министерството за здравство формирана за целите на справување со здравствената криза.
-По разни основи, Алкалоид АД, Алкалоид КОНС и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ донираа дополнителен износ од преку 1 милион евра, од кои 125 000 евра беа наменети за донации во земјите од регионот. На листата на приматели на донациите заведени се голем број на здравствени и образовни установи, институции, здруженија и бројни поединци, посочува првиот човек на Алкалоид.
Во интервјуто за магазинот Економија и Бизнис, Мукаетов потенцира и дека во пандемијата, изминатава година 35 % од вкупните консолидирани продажби на Алкалоид се реализирани на домашниот пазар, а 65 % беа пласмани на странските пазари од кои: 33 % беа на пазарите во Југоисточна Европа, 20 % во Западна Европа, 10 % во Русија и ЗНД и 2 % во останати земји. Најголеми растови се регистрирани на пазарите во: Чешка, Албанија, Грузија, Унгарија, Ерменија, Бугарија, Романија, Србија итн.
-Особено сме горди на првите пласмани на наши фармацевтски производи на пазарот во Канада. Ако пред 5 години соодносот на домашните и извозните пласмани беше 40 %, односно 60 %, во изминативе 3 години тој сооднос оди повеќе во полза на извозот. И во 2020 година извозните пласмани го задржаа својот континуитет и покрај отежнатата комуникација со постоечките и потенцијалните партнери, додава Мукаетов.
Во изминативе 20 години Алкалоид има вложено преку 200 милиони евра во производствени капацитети, опрема, лаборатории, технологија, софтвер, кадар и слично. Во 2018 година, Алкалоид доби помош од државава врз база на договорот за доделување на финансиска поддршка за пораст на инвестициите и приходите.
-Со оваа програма, домашните инвеститори за прв пат беа испочитувани како и странските, а за нас како компанија поддршката од овој тип претставува дополнителен стимул за вложувањата во Македонија од кои бенефит ќе имаат обете страни.Од друга страна, пак, хендикепирани сме во однос на меѓународната конкуренција во поглед на поддршката на иновациите и развојно-истражувачките активности. Во оваа насока сметам дека државава што побрзо треба да ја активира поддршката на иновации и за големите компании затоа што тие не само што имаат капацитети, вештини и знаење за иновативен развој туку со себе носат и голем број на помали домашни кооперанти, нагласи Мукаетов.
Целосната верзија на интервјуто со првиот човек на Алкалоид може да ја прочитате на следниот линк: [ Економија и Бизнис.мк ]