ПОВЕЌЕ

    МРЕЖА ЗА РУРАЛЕН РАЗВОЈ: Две години активна поддршка за руралните заедници

    Време зa читање: 3 минути

    Програмата за развој на заедницата, имплементирана од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија во партнерство со пет Локални акциски групи (ЛАГ-ови) – Абер 2015, Беласица-Огражден, Бојмија, Малеш-Пијанец и Плачковица, одбележува повеќе од две години активна работа за подобрување на квалитетот на животот во руралните заедници со фокус на источниот дел од државата.

    Програмата е поддржана од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) и опфаќа 18 општини од североисточниот, источниот и југоисточниот плански регион. Преку охрабрување на соработката помеѓу локалните актери во руралните средини – жителите, локалната самоуправа, граѓанскиот и приватниот сектор, се реализираа повеќе од 10 локални акции на заедницата. Оваа реализација се одвива низ партиципативен процес во кој самите жители на заедницата идентификуваат и решаваат локални предизвици. Во рамки на Програмата се поддржаа и во наредниот период ќе се поддржат локални иницијативи, вклучувајќи:

    • Изградба на патна и комунална инфраструктура во селото Ума, општина Гевгелија;
    • Чистење на реката Писа во Пехчево, санација на кејот и поставување урбана опрема;
    • Оградување депонија во општина Босилово;
    • Изградба на нов парк во село Чанаклија, општина Василево, нов парк за миленици во општина Штип и нов еко-плоштад во општина Старо Нагоричане;
    • Партерно уредување во село Лубница, општина Конче;
    • Изградба на дел од фекалната канализација во индустриската зона Барта во Богданци;
    • Поставување енергетски ефикасно осветлување на градскиот парк во Делчево, како и вклучување на фотоволтаична централа во снабдувањето на селото Калуѓерица, општина Радовиш и јавното осветлување со постојана електрична енергија;
    • Отворање нов претшколски едукативен центар во општина Босилово, како и забавни детски катчиња со игралишта во селото Владимирово, општина Берово и село Чифлик, општина Пехчево;
    • Опремување нов фитнес центар на отворено во општина Ново Село;
    • Поставување нова туристичка патека за рекреативно јавање коњи во општина Куманово.

    За да стекнат нови знаења, се организираат и обуки за претставници на ЛАГ-овите и локалните граѓански организации како и бројни настани за промоција на руралниот развој, локални бизниси и здруженија како што е ЛАГ Експо – прв саем за локален развој во државата.

    „Кога членовите на самата заедница ќе иницираат локални акции, ќе се мобилизираат и ги реализираат заеднички, локалните предизвици се решаваат најефикасно. Среќни сме што го поддржуваме овој процес,“ истакнува Петар Ѓоргиевски, директор на Програмата и претседател на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија.

    Програмата за развој на заедницата продолжува со активностите за рамномерен економски раст во руралните средини и во наредниот период.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично