За една, најмногу две недели, Народната банка ќе излезе со мерки кои ќе ги направат станбените кредити подостапни и поиздржливи за граѓаните во прв обид да обезбедат сопствен дом. Наспроти тоа, за лицата кои инвестираат во недвижности купувајќи станови, критериумите ќе бидат значително поостри. За претстојните промени имнформираше гувернерот Трајко Славески, кој имаше средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски. Оттаму и согладувањето дека на овој начин индиректно ќе се влијае и врз стабилизацијата на цените на пазарот на недвижности.
Намерата е да им се излезе во пресрет на младите брачни парови, но и на самците, чии примања не соодветствуваат со условите и цените присутни на пазарот.
„Нашата цел е да овозможиме подобри услови и достапност на кредити за становите што се купуваат за живеење. Со тоа ќе им помогнеме на граѓаните што имаат вистинска потреба од сопствен дом, во услови кога цените на недвижностите растат”, наведе Славески.
Осврнувајќи се на движењата на цените на тој пазар, гувернерот рече дека младите се во незавидна состојба.
„Ова што се случува на пазарот на станови, посебно во неколку градови, најмногу во главниот град, ги става во многу незавидна ситуација младите брачни парови или самци кои сакаат да го решат станбеното прашање. Цените се премногу високи од аспект на заработката. Ние не сакаме овој тренд да продолжи и мислам дека како Народна банка имаме инструменти со кои тоа ќе го постигнеме“, изјави Славески.
Како што наведе, секаде во светот се прави разлика меѓу кредитирањето за живеалиште и за инвестиција. Тие што бараат кредит за да дојдат до сопствен дом се многу помал ризик за банките, особено кога станот е под хипотека.
„Лицата кои позајмуваат пари од банките за објекти во кои живеат се со многу помал ризик од аспект на сервисирање на кредитот. Ако сте го ставиле под хипотека живеалиштето, ќе настојувате да се вклопите во рамки на своите доходи за да не се доведете во ситуација да доцните со кредитот“, појасни гувернерот.
Воедно, Славески повикувајќи се на податоците, посочи дека кај 73 отсто од становите купени со кредит стои дека се наменети за живеење. Сепак, нагласи, тоа никој не го проверува, па апелираше до банките да внимаваат на изјавите што ги потпишуваат кредитобарателите.
„Во многу држави во светот банките ги следат кредитобарателите дали го промениле живеалиштето. Доколку се утврди дека е дадена лажна изјава, тоа се смета за тешка измама и банката има право веднаш да побара враќање на кредитот“, истакна Славески.
Всушност, и денешната средба во Агенцијата за катастар на недвижности се реализираше со цел да се разгледаат состојбите на пазарот и можностите за креирање нови мерки кои би биле во насока на полесен пристап до кредити за купување прв стан.
Притоа, Живковски изрази подготвеност за интензивна соработка меѓу Катастарот и Народната банка. Тој нагласи дека податоците за тековните трендови на пазарот на недвижности се клучни за креирање ефективни политики. Исто така, посочи дека се работи на повторно активирање на Регистарот на цени и закупнини.
Агенцијата за катастар и Народната банка договорија потпишување на меморандум за соработка, кој ќе овозможи подобра размена на информации, брза достапност на податоци за недвижности и зајакнување на аналитичките капацитети за следење на пазарните трендови.