Норвешка ќе го зголеми производството на природен гас во наредните месеци, одржувајќи го производството повисоко од нормалното во текот на летото и испорачувајќи поголеми количини во Европа во време на недостиг и зголемени цени, објави во средата норвешката компанија за експлоатација на нафтса и гас Equinor. Руската инвазија на Украина го поттикна растот на веќе високите цени на бензинот и ги натера европските држави да се обидуваат да ги пополнат залихите исцрпени од зимската потрошувачка и да бараат алтернативи за руското снабдување.
Со одложување на планираниот ремонт и неколку други прилагодувања, заедно со операторот на гасоводот Гаско, Equinor ќе испорача повеќе гас, се вели во извештајот. „Можеме да извеземе повеќе гас ова лето“, рече извршната директорка на Equinor, Ајрене Румелхоф во изјавата. Норвешкото Министерство за нафта и енергија се согласи да ги прилагоди лиценците за производство на три офшор полиња – Осеберг, Трол и Хајдрун – за да можат да му дадат приоритет на производството на гас пред нафтата.
Мерките „нема значително да го зголемат дневното вкупно норвешко производство на гас, но ќе придонесат за одржување на денешниот висок извоз на норвешки гас“, соопшти Министерството.
Норвешка покрива меѓу 20 и 25 отсто од потребите за гас на Европската унија и Велика Британија, додека Русија сочинува меѓу 45 и 50 отсто. Од руската инвазија на Украина на 24 февруари, ЕУ се обидува да го намали увозот на руски гас за две третини. Норвешка испумпува околу 4 милиони барели нафтен еквивалент дневно, поделени речиси подеднакво меѓу нафтата и природниот гас. Норвешкиот извоз на гас сепак е притиснат од производствените капацитети, кои веќе се зголемуваат на максимално ниво, и дистрибутивниот систем преку цевководи.
Единствената норвешка постројка за течен природен гас (LNG), која овозможува испорака на гас со брод во течна форма, беше оштетена во пожар во септември 2020 година. Земјата извезува околу 95% од својот гас преку широка подморска гасоводна мрежа што ја поврзува со терминалите во Германија, Велика Британија, Франција и Белгија. Оваа година ќе биде завршена нова цевка до Полска.
Во 2021 година, производството на гас во Норвешка изнесуваше 113 милијарди кубни метри, обезбедувајќи приближно една четвртина од побарувачката на гас во Европската унија и Велика Британија. Додека норвешките нафтени и гасни полиња произведуваат со речиси 100% капацитет, мешавината помеѓу нафта и гас може да се прилагоди во некои случаи. Владата поставува квоти за полињата за да се осигура дека земјата може да го максимизира производството со текот на времето.
Прилагодените дозволи за производство од норвешката влада ќе му овозможат на полето Осеберг да го зголеми извозот на гас за околу 1 милијарда кубни метри (bcm) во годината до 30 септември, додека наоѓалиштето Хеидрун може да го зголеми производството за 0,4 милијарди кубни метри оваа година.
Equinor рече дека 1,4 милијарди кубни метри гас се доволни за да се задоволи побарувачката на гас од околу 1,4 милиони европски домови за една година.
Полето Трол, најголемиот извор на гас во Северното Море, исто така може да го зголеми производството во случај другите полиња да се соочат со прекини, со што ќе се подобри целокупната робусност на снабдувањето, додаде компанијата. Equinor рече дека исто така разгледува можности за зголемување на производството на гас од полињата во близина на Норвешка на краток рок, иако нејзините долгорочни изгледи за производство остануваат непроменети. Компанијата претходно одлучи да продаде повеќе гас од своето наоѓалиште Gina Krog оваа зима, наместо да го користи за пумпање повеќе нафта, а други компании размислуваат за слични мерки.