ПОВЕЌЕ

    МОЛК НА НАДЛЕЖНИТЕ, БЛОКАДИ НА ПАТОТ: Жителите на прилепски Ореовец си ја бранат планината и изворите на вода за прилепчани

    Време зa читање: 5 минути

    Без добиена концесија и без да водат сметка за единствените извори на вода за селото, странци дојдоа да копаат и да минираат, велат жители на прилепското село Ореовец, кои веќе со денови го продолжуваат блокадите на патот кој води до местото каде механизацијата на конзорциумот Бехтел и Енка отпочна со вадење на кршен камен за потребите на изградба на автопатот. Месното население, на кое денес му се придружија и повеќе десетици граѓани на Прилеп и околината тврдат дека минирањата и експлоатацијата на каменот токму од ова место ќе ги загрозат неколкуте извори на вода за пиење од кои се снабдува селото, и тоа во регион како Прилеп кој хронично кубури со водаснабдување.

    И денес молк од институциите во чија надлежност е одлуката за отпочнување на работата на каменоломот на Бехтел и Енка кај Ореовец и тоа откако беше објавено дека конзорциумот се уште нема добиено концесија за копањето камен кај Ореовец, но и дека барале концесија за експлоатација на – мермер.

    Јавното претпријатие за државни патишта ниту денес не одговори на прашањето што превземаат да се разреши состојбата со блокадата на патот, поради која се целосно прекинати работите во позајмиштето за камен Ореовец, а по шест дена уште не добивме ниту одговор дали изведувачот на работите има изработено студија за оценка на влијание врз животната средина со која треба да се утврди, меѓу другото и како овој зафат ќе влијае врз изворите за вода.

    „Имајќи во вид дека барате прецизен одговор на прашањата, потребно ни е повеќе време за да Ви ја доставивиме побараната информација“, гласи одговорот од ЈП ДП, кој го добивме денес.

    Одговор на истото прашање не добивме ниту од Министерството за животна средина, надлежно за спроведување на оценката за влијание врз животната средина на проект од обем каков што е изградба на автопат, на чијшто сајт сега единствено може да се најде само почетниот документ – известувањето за намера за изведување на Проект- Градби од стратешки интерес за изградба на коридор 10Д, делница на автопат Прилеп Битола, кој датира од декември минатата година.

    Нашите прашањата за каменоломот кај Ореовец се игнорирани и од Владата во заминување и од кабинетот на вицепремиерот Артан Груби.

    Жителите на селото, собрани околу иницијативата за спас на Прилеп, како што ја нарекоа, потсетуваат дека градот Прилеп се снабдува со вода од системот Студенчица во Кичево, а дека единствените локални извори на вода се наоѓаат на планината Бабуна, при што, локацијата на каменоломот е само на 600-700 метри од едниот од тие извори. Покрај ова, велат тие, веќе по само неколку минирања има појавени оштетувања на некои куќи во селото.

    Тие потсетуваат колку е важна водата во нивниот крај, посебно кога секоја наредна година е посушна од претходната. „На прилепчани им поставив едноставно прашање: Што мислите, ако дојде криза за вода во Кичево, дали Студенчица ќе дотече до Прилеп?“, прашува Ѓорѓи Георгиоски од иницијативата за спас на Прилеп.

    Како резултат на секојдневните блокади на патот, механизацијата на Бехтел и Енка веќе неколку дена нема пристап до база, а граѓаните веќе ја почнаа и паралелната битка во институциите. „До Основниот суд во Прилеп поднесовме предлог за обезбедување докази. Постапката е итна и Судот е должен за излезе на увид на лице место со вешти лица кои ќе го утврдат степенот на загрозувањето на животната средина, уништување на изворите со вода, загрозување на жителите на Оревоец. Поднесовме и претставка до Уставниот суд за оценување на уставноста на член 10, став 4 од Законот за утврдување на јавен интерес, со кој „Бехтел и Енка“ се избрани како партнер на државата во реализацијата на проектот за изградба на патиштата од коридорите 8 и 10. Се надеваме дека Уставниот суд ќе излезе во пресрет во однос на изрекувањето привремена мерка со која привремено ќе го спречи извршувањето на членот 10, став 4 од овој закон до конечно одлучување по иницијативата“, изјави Жаре Стеваноски адвокат од Прилеп, кој е правен застапник на граѓанската иницијатива пред правосудните органи, наведувајќи дека со оспорените одредби се кршат некои од основните начела на Уставот.

    Жителите на селото тврдат дека до сега никој не им покажал документ со кој некој му одобрува на конзорциумот Бехтел и Енка воопшто да ја копа планината кај Ореовец и да минира. На ова тврдење на рака му оди и молкот на институциите од кои побаравме одговори.

    Организаторите на блокади се категорични дека нема да се поместат од барикадите се додека не ги добијат вистинските одговори. ,„Ние само го браниме нашето село, нашата вода за пиење, ја браниме нашата планина, нашата природа. На нив им е само до заработка, а ние треба да живееме. Што тежи повеќе“ вели Георгиоски.

    Ј.Дуковска

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично