ПОВЕЌЕ

    Многу артикли за корекција на цените, а малку време – затворањето на маркетите е драконска мерка

    Време зa читање: 3 минути

    Затворањето никому не носи бенефит, особено не сега, кога се намалени цените. Мерката е престрога, предизвикува штети и тоа треба да биде последното нешто кон кое ќе прибегнат институциите, смета извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, кој очекува проблемот со затворените маркети во Скопје, Струга и Кичево да се надмине уште денес.

    Според него, времето за прилагодување на маркетите било прекратко, затоа што треба да се намалат цените на околу 1.200 артикли, односно немале доволно време за престројување..

    Пешев присуствувал на состаноците во Министерството за економија и со трговците и со дистрибутерите, каде што принципиелно се договарале за намалување на класата артикли кои спаѓаат во основни производи, при што се договориле солидарно по пет отсто да намалат од своите маржи, за да поевтинат производите. Но, од медиумите се информирале дека како репер ќе се земат цените од први август. Иако, вели, во текот на договарањето со компаниите Владата ветила дека ќе ги извести навреме за тоа.

    Затоа посочува дека пропустите не се намерно направени, а казните се драконски. Воедно, изрази надеж дека проблемот ќе се реши, а на маркетите ќе им се даде време и простор да се прилагодат на мерката.

    „Се надевам дека во еден кооперативен дијалог во текот на денот ќе најдеме начин како барем објектите да почнат да работат и да се договориме во која динамика ќе се поправат недостатоците кои биле еветнуално востановени“, рече Пешев. Според него, затворањето треба да е последната мерка кон која Министерството треба да прибегне рече Пешев.

    Исто така, тој не прифаќа дека над 90 отсто од решенијата што ги носи Владата се предлози од стопанските комори, како што наведува министерот за економија Крешник Бектеши. Како што вели, информирани се, но за финалните решенија слушаат кога и сите други.

    Инаку, од досегашните теренски контроли пазарните инспектори напишале казни од над 4.500.000 денари, односно 73 илјади евра за прекршување на последната владина одлука поврзана со гарантираните цени на одделни производи. Казнети се и затворени повеќе ланци на големи маркети во Скопје, во општините Чаир, Тафталиџе, Кисела Вода и Бутел, како и во Струга и Кичево. Ова е исходот од извршените повеќе од 300 надзори насекаде низ државата, информира Државниот пазарен инспекторат.

    „Пазарниот инспекторат е на терен! Контролираме дали трговците ги усогласиле цените со Одлуката донесена од Владата“, категоричен е директорот на ДПИ, Горан Трајковски.

    Во своето видео обраќање, тој го изнесе очекувањето дека трговците самоиницијативно ќе ги намалат цените и на останатите производи.

    Воедно, ги повика граѓаните забележаните неправилности да ги пријават на бројот 02/191.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично