За еден месец – од ноември до декември, синдикалната минимална кошница поскапела за 319 денари. Намирувањето на најосновните животни потреби месецов чинело 65.492 денари. А, само за храна и пијалаци – 23.640 денари, што со 36,1 отсто е најголемата ставка. За споредба, ноемвриската кошница чинеше 65.173 денари.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија пресметале дека за образование се потрошени 7.159 денари, а за станарина, вода, електрична енергија, и греење 6.130 денари. Четвртата ставка споре висината на трошоците е снабдувањето со облека и обувки, што чини 5.875 денари. Превозот (транспорт) чинел 4.636 денари, ресторани и хотели 4.131 денар, комуникации 3.417 денари. За хигиенските навики или личната и одржувањето на хигиената во домот се потребни 2.620 денари.
Доколку просечното четиричлено семејство живее во изнајмен стан од 60 метри квадратни, тогаш синдикалната минимална кошница изнесува 80.867 денари. Притоа, за режиските трошоци во кои спаѓаат станарината, потрошените вода и струја, како и греењето се потребни 21.505 денари.
Од први јануари и Владата ќе прави пресметки на просечните потреби. Тоа го најави заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, посочуувајќи дека на оваа тема ќе се разговара на Економско–социјалниот совет што е закажан за во понеделник.
„Ќе бидат земени параметри од најголемите маркети во Македонија, ќе бидат земени параметри од страна на основните прехранбени производи, за се она што е потребно за еден просечен живот, за едно просечно македонско семејство. Исто така ќе бидат земени и од различни региони, а од овошјето и зеленчукот ќе биде земено она што е карактеристично за периодот кога се пресметува во текот на годината“, наведе Ристески.
Аналитика








