ПОВЕЌЕ

    Минималниот глобален данок ќе важи за остварувањата од 2025: За буџетот дополнителни 27,5 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Во државната каса годишно ќе се слеваат дополнителни 27,5 милиони евра, што ќе произлезе како придобивка од претпразнично усвоениот Закон за минимален глобален данок на добивка.  Наменет е за мултинационалните компании кои работат во земјава и имаат приходи повисоки од 750 милиони евра. Петпроцентниот данок ќе се пресметува и наплаќа од 2026, а ќе се базира на резултатите што ќе се постигнат во текот на годинава.

    Со обврската за плаќање квалификуван домашен дополнителен данок се заштитува даночната основа во Македонија. Или, на мултинационалните компании кои дел од својата дејност ја вршат на македонска адреса, дополнителниот данок ќе им се наплати овде. А, не во земјата каде што е нивното седиште.

    Според одредбите, овој закон ги опфаќа сите составни субјекти – членови на мултинационални компании или на голема домашна група со годишен приход поголем од 750 милиони евра. Како основа се зацртани три правила. Првотот е – утврдување на квалификуван домашен дополнителен данок, што се однесува на сите составни субјекти кои подлежат на ниска даночна стапка и кои се наоѓаат во Република Северна Македонија. Второто – за вклучување на добивката согласно кое се утврдува дополнителен данок за матичната компанија. И третото – за помалку оданочена добивка, во случај кога данокот не е наплатен врз основа на правилото за вклучување добивка.

    Со ова државата се усогласи со правилата на ОЕЦД, осмислени за да се осуети практиката на мултинационалните компании да ги пренесуваат добивките на терен каде што нема оданочување или стапките се минимални. Односно, со Законот се направи усогласување со Директивата на Советот на ЕУ за обезбедување на глобално минимално ниво на оданочување за групи на мултинационални компании и големи домашни групи во Унијата.

    Во земјава нема голем број компании што се дел од мултинационални корпорации. Сепак, од Советот на странските инвеститори подолго време предупредуваа, доколку нашата држава не се прилагоди и не го внесе глобалниот данок во своите закони, ќе се случи од буџетот да се одлеат најмалку 30 милиони евра годишно. Пред се, поради тоа што опфаќа 50-на компании од Европа, Северна Америка и од други земји.

    Всушност, во Македонија има три типа такви компании: тие кои користат даночни олеснувања и се во слободните економски зони; оние кои користат даночни олеснувања и се надвор од зоните; и третиот тип се компании кои даваат услуги на слободниот пазар, на пример Телеком, А1, Цементара, ЕВН…, појасни премиерот Христијан Мицкоски, кога пред неколку месеци најави дека странските компаниите кои профитираат од македонските граѓани, мора тука да го плаќаат овој данок.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично