
Минималната плата во Македонија расте од година во година, но уште побрзо растат трошоците за живот. Прашањето повеќе не е колку изнесува минималецот, туку колку од минималната синдикална кошничка реално може да покрие.
Во јануари 2020 година синдикалната минимална кошничка изнесувала 32.791 денар или 533 евра. Минималната плата во тој период (јули 2020 – март 2021) била 14.934 денари (243 евра). Тоа значи дека минималецот покривал 45,6 отсто од основните месечни трошоци на просечно четиричлено семејство.
Шест години подоцна, односно во јануари годинава кошничката достигна 66.413 денари, односно околу 1.080 евра. Секако, со годишните усогласувања, зголемено е и нивото на минималната плата, која засега е 24.379 денари (март 2025 – февруари 2026), што е противвредност на нецели 400 евра. Притоа, покриеноста опаднала на 36,7 проценти.
Со други зборови, и покрај тоа што минималната плата во овие шест години номинално пораснала за 63,2 насто (од 14.934 на 24.379 денари), не само што не може да се носи, туку и заостанува зад синдикалната кошничка и нејзиниот раст од 102,6 насто (од 32.791 на 66.413 денари). Движењата кај трошоците се со речиси двојно побрза динамика споредено со поместувањата кај минималната плата.
Движење по години: каде почна драматичното одвојување?
Пресметките на Пари за учеството на минималната плата во минималната синдикална кошничка покажуваат јасен тренд на намалување на покриеноста по 2021 година.
Во 2020 година минималната плата од 14.934 денари покривала 45,6 проценти од тогашната синдикална кошничка од 32.791 денар. Во 2021 година, и покрај симболичното зголемување на минималецот на 15.194 денари, покриеноста останува речиси стабилна, 45,1 отсто во однос на кошничката од 33.650 денари.
Првиот посериозен пад се случува во 2022 година. Минималната плата останува на 15.194 денари, додека синдикалната кошничка расте на 35.811 денари. Расчекорот се рефлектира кај покриеноста, која паѓа на 42,4 проценти. Ова е моментот кога трошоците почнуваат драстично да се одвојуваат од динамиката на платите.
Јазот меѓу нив драматичното се проширува во 2023 година. Со високиот скок на кошничката на 50.799 денари и со зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари, учеството оди надолу – на 35,4 проценти. Тоа е пад од речиси 7 отсто и претставува најголемо влошување во анализираниот период.
Во 2024 година, и покрај новото зголемување на минималецот на 20.175 денари, синдикалната кошничка расте на 57.163 денари, а покриеноста останува речиси непроменета – 35,3 проценти. Практично, секое ново зголемување на платата веќе доаѓа како задоцнета компензација на претходниот раст на цените.
Во 2025 година минималната плата се искачува на 22.567 денари, а кошничката на 63.252 денари, што дава мало подобрување на учеството од 35,7 проценти.
Со други зборови, од релативна стабилност од околу 45 проценти покриеност во 2020–2021 година, минималната плата денес покрива нешто повеќе од една третина од минималната кошничка.
Токму 2023 година е пресвртната точка, моментот кога експлозијата на животните трошоци ја оттурна минималната плата на трајно пониско ниво на покриеност, од кое и покрај растот, сѐ уште не успева целосно да се врати.

А, ако минималецот биде 600 евра?
ССМ бара минимална плата од 600 евра (околу 37.000 денари). Ако се земе сегашната кошничка од 66.413 денари, тогаш покриеноста би изнесувала околу 55,7 проценти. Тоа би било значително подобрување во однос на сегашните 36,7 проценти, но колку е можна таа опција?
Од позиција на работниците, аргументот за „реално осиромашување“ има јасна бројчена основа, процентот на покриеност е намален за околу 9 отсто во однос на 2020 година.
Од позиција на работодавачите, пак, зголемувањето би значело товар што дел од секторите велат дека не можат да го издржат. Економските експерти велат, пак, дека ќе се појави проблемот кај урамниловката и ќе нема доволно средства да се покачат повисоките плати, што ќе влијае на мотивацијата на подобрите и поквалификуваните работници, и така би се нарушила конкурентската способност на компаниите, особено на извозниците.
Катерина Михајлова
Аналитика








