ПОВЕЌЕ

    Минатата недела подарени 4.778 акции со вкупна вредност од 659 илјади евра

    Време зa читање: 3 минути

    Преку нетрговските трансфери минатата недела се подарени или наследени 4.778 акции, од кои 133 се приоритетни. Издадени се од 12 друштва, а нивната вкупна вредност е над 659 илјади евра.

    Исто како и во претходната седмица, најбројни се акциите на Стопанска банка Скопје. Станува збор за вкупно 2.323 хартии од вредност. Поголемиот дел се обични акции – 2.190 на број. Пресметано по просечната цена од 2.925 денари, овој подарок чини повеќе од 104 илјади евра. Во два наврати се процесуирани приоритетните акции на Банката, прво 43, а потоа 90. Цената на овој вид акција е 820 денари.

    Во статистиката на Централниот депозитар за хартии од вредност е забележано дека на двапати се вршеле преноси на акциите од Комерцијална банка и на Раде Кончар – Апаратна техника.

    Во случајот на најголемата домашна банка се работи за 1.064 акции, кои вредат скоро 445 илјади евра. Во понеделникот биле трансферирани 101, а во средата 963 обични акции. Инаку, со состојба од 11 јули, акцијата е со просечна цена од 28.387,03 денари.

    Акциите на Раде Кончар – Апаратна техника се регистрирани во среда – 10 и во петок 280. На берзата не се тргува често со нив, има осум трансакции во последните 52 недели, а имаат просек од 2.500 денари. Оттаму, трансферираните акции се со вредност од околу 11.800 евра.

    Во минатонеделната евиденција се влезени 370 обични акции на Силекс АД Кратово. Со овие акции ретко се тргува на Македонска берза, односно во една година имало само една трансакција, на 26 ноември лани. Просечната цена за акција е 70 денари.

    Трансферирани се и 350 обични акции издадени од прилепскиот Мермерен комбинат. Нивната просечна цена е 3.334 денари, а подарените или наследени акции вредат речиси 19 илјади евра.

    Во нетрговските трансфери зачестија акциите со знакот на Гранит. Минатата недела се евидентирани 250 обични акции, кои вредат над седум илајди евра (1.750 денари за акција).

    Со знакот на Тетекс АД Тетово се 60 обични акции (просечна цена 2.610 денари).

    Процесуирани се и акции на ВВ Тиквеш – 40 (просечна цена 6.100 денари) и од ГД Тиквеш – четири (акција – илјада денари).

    И минатата недела се забележани акции на Макпетрол, овојпат 20 кои вредат 37,4 илјади евра. Според петочната берзанска листа, цената за акција е 115 илјади денари.

    Евидентирани се и шест акции на НЛБ банка (просечна цена 56.022,37 денари), како и една на скопски Алкалоид, чија последна просечна вредност е 27.159,90 денари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично