Во моментов немаме мерки против скапотијата бидејќи се’ уште се изработува анализата за причините на базичната инфлација. Штом анализата биде готова, се разбира ќе имаме и мерки“, соопшти денес премиерот Христијан Мицковски во одговор на прашање дали е точно дека Владата не предвидела нови мерки за справување со поскапувањата. Во однос на изјавата на министерот за економија Бесар Дурмиши од минатата недела, кој кажа дека „нема да има нови мерки“, Мицкоски вели дека веројатно станало збор за недоразбирање, бидејќи анализата сè уште е во тек.
„Анализата ја правиме во консултации со професори, со стручни луѓе и таа е во завршна фаза, но веќе имаме индикатори зошто тоа се случува и наскоро ќе излеземе со мерки“, рече Мицковски, додавајќи дека, истовремено и во многу други земји од Европската Унија, минатиот месец бил во знакот на зголемена инфлација од над пет проценти. „Да ги почекаме резултатите и на јулската инфлација, па ќе имаме поцелосна слика“.
Мицковски најави и седница на Економско-социјалниот совет со репрезентативни синдикати, каде исто така ќе се дискутира за темата. “Проактивни сме, сите сме на иста страна, сите сакаме да имаме повисок стандард“, нагласи премиерот.