Нашата визија е држава која ќе биде целосно дигитална, транспарентна и ефикасна. До крајот на мандатот сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн. Секој граѓанин ќе има дигитален идентитет, пристап до сите институции преку мобилен телефон, најави денес премиерот Христијан Мицкоски, во своето обраќање на Дигиталниот самит на Западен Балкан (WBDS) 2025, кој се одржува во Скопје.
„Ќе создадеме генерации со дигитални вештини, ученици кои ќе бидат конкуретни со своите врсници во Европа, ќе градиме систем на сајбербезбедност што ќе гарантира доверба во дигиталното општество“, додаде Мицковски во своето обраќање.
„Долго време нашето општество беше заробено во бирократија – редици пред шалтери, печати и документи кои патуваат од канцеларија во канцеларија. Сите ние сме сведоци како луѓето губат часови, па дури и денови, за услуги кои треба да траат во суштина само неколку минути. Тоа мора да биде минато“, рече Мицковски.
„Дигитализацијата е нашиот начин да ја победиме таа инертност и да ја претвориме земјата во вистински сервис на граѓаните. Со дигитализацијата ја рушиме нееднаквоста меѓу оние кои имаат пристап и оние кои се оставени на маргините. Кога секој граѓанин ќе може со еден клик да добие документ, тоа е вистинска демократија. Кога секој земјоделец може брзо да добие субвенција, тоа е правда. Кога секоја компанија може дигитално да аплицира за проект, тоа е развој“, продолжи тој.
Премиерот истакна дека со гордост ја претставаат апликацијата М-Услуги – заедно со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и неговиот тим, изразувајќи им голема благодарност. „Таа е симбол на новата ера: сите документи во еден дигитален паричник, безбедна размена на податоци, потсетник за рокови и обврски, целосна транспарентност и доверба. Ова е почеток на една дигитална револуција што ќе ја промени државата од корен. Дигитализацијата е нашиот мост кон Европа. Таа е нашиот штит против корупцијата. Таа е нашата шанса да изградиме поефикасна држава и поправедно општество. „Иднината им припаѓа на оние што се подготвуваат за неа денес“. Да бидеме тие што ќе ја изградат иднината. Да бидеме генерацијата што ќе го претвори регионот во дигитален двигател. Со дигитализацијата стануваме земја којашто ќе биде конкурентна со останатите земји во Европа и со регионот, којшто заедно ќе чекориме напред“, рече во своето обраќање македонскиот премиер.
Дигиталниот самит на Западен Балкан е регионален настан кој ги обединува носителите на дигиталната трансформација од Западен Балкан, ЕУ и пошироко. Дигитализацијата, интероперабилноста, сајбер безбедноста, поврзување на институциите, како и предизвиците на новото време, од вештачката интелигенција до учеството на бизнис секторот и академската задница се темите на кои денеска ќе разговараат учесниците на WBDS 2025.
Целото обраќање на премиерот Христијан Мицковски на Дигиталниот самит на Западен Балкан (WBDS) 2025: