ПОВЕЌЕ

    Мицковски: Годинава државава поподготвена за справување со шумските пожари, во шумите ќе има движење само со дозвола

    Време зa читање: 4 минути

    Државата оваа година е поподготвена за справување со шумските пожари од лани и има план за организирано дејствување доколку се укаже потреба за тоа, информираше премиерот Кристијан Мицковски во рамките на своето излагање на надзорната расправа за здравствените аспекти од аерозагадувањето што се одржа денес во Собранието.

    „Минатата година трите воздухоплови кои ги имаме на располагање за гаснење на пожари беа приземјени, не беа сервисирани, немаа употребна дозвола за да може да бидат управувани. За жал пилотите беа незадоволни и во пензија и моравме да ги враќаме и се разбира немаше никаков официјален протокол како оди вертикалната оска на команда да се справиме со пожарите“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешната надзорна расправа за аерозагадувањето во Собранието, потенцирајќи дека оваа година има план и државата е поподготвена да се справи со пожарите доколку ги има.

    Мицкоски додаде дека  се вршат финални подготовки, има и тело кое го води потпретседателот на владата Љупчо Димовски, каде се соодветните министри и директори на институциите. „Подготвени сме оваа година да интервенираме поорганизирано. Имаме план, точно ќе знаеме и кој е во шумите, ценам дека оваа година не би сакал да има пожари, но сме многу поподготвени“, потенцираше премиерот Мицкоски.
    Премиерот Мицкоски посочи дека еден од проблемите за жал е што постои дуализам во две институции, односно имаме Дирекција за заштита и спасување и Центар за управување со кризи и неусогласеност на командната политика за справување со пожарите, и најави дека тоа се менува.
    Мицковски најави дека од наесен, односно од октомври ќе се почне со спојување на овие две институции во една и тоа е барање и на НАТО како реформа. „Да знаеме која е таа институција која дојавува и се справува и има вертикална одговорност. Исто така општините, пожарникарите, но и доброволните друштва кои често пати се активираат и за тоа добиваат хонорари.  Ако целиот овој систем функционира беспрекорно ние ќе немаме потреба од интервенција на МВР или војската“, нагласи премиерот.
    Тој потенцираше и дека е неопходно да се знае за време на сезона на шумски пожари кој се движи во шумите, најавувајќи и дека и годинава ќе има забрана за движење во шуми. „Секој кој ќе сака да се движи, спортува, планинари ќе може да извади соодветна белешка. Од друга страна оној кој е одговорен за инфраструктурата, пристапните патишта во шумите, тоа е Национални шуми, тие минатата година беа со демотивирани вработени и неисплатени плати, а дрвосечачи примени кои не се подготвени на работата која треба да ја вршат, немаше нафта, возилата гаражирани, беше тешко сето да се пробива. Чекор по чекор интервениравме“, нагласи премиерот Мицкоски. 
    Во 2024 година во Македонија во 126 шумски пожари изгореа над 94.000 хектари, што е речиси колку претходните десет години заедно, според податоците на Европскиот информациски систем за шумски пожари (ЕФФИС), дел од програмата Коперник.
    Претходните десет години, во над 400 шумски пожари изгореле околу 100.000 хектари. Најтешка година претходно била 2019 година, кога во 135 шумски пожари изгореле 29.807 хектари.
    Ланскиот извештај на Светска банка за климата и развојот за шесте земји од Западен Балкан, објавен во октомври минатата година, ја нагласува потребата балканските земји да инвестираат во намалување на ризиците што глобалните климатски промени сè повеќе ги носат. На Северна Македонија ќе ѝ бидат потребни вкупно 6,4 милијарди долари во следната деценија за зајакнување на отпорноста кон климатските промени, за ефикасна заштита на луѓето и имотот. Секој долар од овие инвестиции сега, ќе испорача два до десет пати повеќе поврат во иднина заради избегнати загуби и економски придобивки, се вели во Извештајот за климатски промени и развој на земјата (CCDR).
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично