ПОВЕЌЕ

    МИЦКОСКИ НАЈАВИ ГОДИНА СО МНОГУ ИНВЕСТИЦИИ: Компанија од ЕУ ќе вложи 350-360 милиони евра во производство на батерии

    Време зa читање: 2 минути

    За инвестиција во износ од 350-360 милиони евра се преговара со компанија од многу моќна земја-членка на Европската унија. Новото вложување ќе биде во делот на напредната технологија, односно во производство на батерии. За претстојната новина зборува премиерот Христијан Мицкоски во новогодишното интервју за МИА, при што најави дека 2025 ќе биде исклучително квалитетна година во однос на привлекувањето странските инвестиции.

    „Можам да кажам дека сме во завршни преговори со една компанија која што доаѓа од земја членка на Европската унија, многу моќна земја членка на Европската унија со која што преговараме за инвестиција помеѓу 350-360 милиони евра во делот на напредната технологија, односно во делот на производство на батерии, нешто кое што навистина претставува иднина не само во Европа, туку насекаде во светот. Потоа имаме и инвестиција на постоечки многу квалитетен инвеститор со огромно учество во извозот којшто во јануари треба да се произнесе дали ќе ја проширува својата инвестиција тука и тоа ќе значи многу за македонската економија. Ние сме во последен круг, во најтесен круг како држава заедно со една од сојузните држави на Соединетите американски држави. Ќе кажам тоа е државата Пенсилванија. Значи, Пенсилванија и Македонија се во најтесен круг за оваа инвестиција. Работиме дневно на овој план“, изјави Мицкоски.

    За тоа дали ќе се менува моделот на странски инвестиции вели дека се менува во делот на законските одредби, стимулацијата, односно поддршката на странските инвестиции, но напоменува дека тоа нема да биде драматично различно од тоа што било досега, туку едноставно се прави обид за диверзификација на инвестициското портфолио во гранки коишто имаат висока додадена вредност.

    „Но, она што е важно и што треба за нас да претставува предизвик каде ние ја гледаме македонската економија во овој сегмент за 10, 15, 20 години од денес, бидејќи ваквиот начин на привлекување на странски инвестиции којшто започна пред би рекол еве можеби 20-ина години сега веќе ги исцрпува своите можности, го достигнува својот пик, би рекол врв, и сега ние треба да видиме како би го диверзифицирале сето ова, целосното портфолио во иднина и каде во иднина ние ја гледаме македонската економија во делот на странските директни инвестиции“, нагласи Мицкоски.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично