Националната стратегија за развој на ИКТ – СМАРТ/МК 2030 е визија, но и јасен план. Таа е одговор на реалните предизвици со кои се соочува нашето општество и патоказ за тоа каква држава сакаме да бидеме во следната деценија. Денес не промовираме само еден стратешки документ. Денес ја потврдуваме нашата решителност да ја изградиме модерната, паметна и дигитална држава, нагласи премиерот Христијан Мицкоски на промоцијата на Националната стратегија за развој на информатичко-комуникациските технологии.
„Дигиталната трансформација не е само воведување нови технологии. Таа е системски процес кој подразбира длабока промена во начинот на кој функционира државата, во културата на институциите и во односот кон граѓаните и бизнисите. Таа значи поедноставни и побрзи услуги, помалку бирократија, повеќе отчетност и поголемо учество на граѓаните во креирањето јавни политики“, посочи тој.
Стратегијата СМАРТ/МК 2030 го обликува патот на дигиталната трансформација на Република Македонија во согласност со нашите специфики, вредности и долгорочни државни интереси. Таа претставува детален и реален патоказ за надминување на развојните предизвици во областа на информатичко-комуникациските технологии и обезбедување забрзан дигитален развој во сите сектори – од јавната администрација, преку образованието и здравството, до економијата и локалниот развој. Според Мицкоски, нема силна економија без дигитални вештини, нема современо општество без дигитално писмени граѓани и нема конкурентна држава без иновативен ИКТ-сектор.
„Посебна вредност на стратегијата е тоа што таа прецизно ги адресира и краткорочните и среднорочните приоритети утврдени во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ. Донесувањето на оваа стратегија, како и усогласувањето со европското законодавство во областа на електронските комуникации, дигитализацијата на институционалните регистри, воведувањето работа во облак, како и унапредувањето на правната рамка за електронска идентификација и доверливи услуги, се јасен сигнал дека сме подготвени за европски дигитални стандарди“, рече премиерот, додавајќи: „Нашата обврска е оваа визија да ја претвориме во конкретни политики, мерливи резултати и реални промени во секојдневниот живот на граѓаните“. Што е обврска на Владата, институциите, приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество.
„Денес ја поставуваме основата. Нашата цел е јасна – паметна, дигитална и правична Македонија до 2030 година“, истакна Мицкоски.
Аналитика








