Владата ќе побара од ЕБОР и од ЕИБ дел од средствата кои се наменети за изградба на железничка пруга до границата со Бугарија да се пренаменат за изградба на брзата пруга на Коридорот 10 и рехабилитација на постојната пруга на овој Коридот, и овој проект чини 250 милиони евра, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски. Министерот Николоски денес беше на увид во изградбата на патот Ранковце-Крива Паланка на терен, заедно со директорот на ЈП Државни патишта, Коце Трајановски.
„Во услови на сиромашна држава“ истакна Николоски, „се поставува прашање дали треба да се трошат толку пари за да се гради нешто што можеби нема да функционира, што значи ќе бидат фрлени пари за ништо, бидејќи километар ќе чини 24 милиони евра, а брза пруга се гради со 10 до 12 милиони евра километар. Затоа ние бараме со кредиторите на третиот дел од пругата кон Бугарија – ЕИН и ЕБОР да седнеме и да договориме пренамена на кредитот за рехабилитација на пругата од Коридорот 10 и да изградиме брза пруга на која ќе може возовите да се движат со 120 километри на час. Целата инвестиција ќе чини 220 милиони евра“, изјави вицепремиерот Николоски.
Министерот за транспорт и врски притоа нагласи дека проектот за железничко поврзување со Бугарија има неколку маани, од кои првата е дека поминува низ градот Крива Паланка и треба да се срушат 20 куќи. „Второ, имајќи предвид дека поминува низ планински појас, нема да може возовите да се движат со повеќе од 60 км на час, а поентата е побрзо да се стигнува. Трето, завршува во тунел кој што на другата страна не води никаде. Бугарите воопшто немаат проект за од другата страна. Точно е дека Ѓуешево има пруга, но од таму до граница нема пруга и не можете да ја поврзите. На прашањето дали Бугарите ќе изградат и кога, до денес немаме одговор“, рече Николоски, прашан за пругата која завршува во тунел, Николски истакна дека постои долгогодишна желба за изградба на пруга и поврзување со Софија, но за овој потег, како што рече, треба сериозно да се седне со Бугарија и да се разговара.
Како што истакна Николоски, проектот предвидува и изградба 22 тунели на само 24 километри пруга, што според него е нереална работа и нема изведувач во Европа кој што би изградил 22 тунели за четири години и затоа, како што додава министерот, сериозни фирми не се пријавуваат.
Николоски имаше забелешки на изведбата на пругата во вториот дел до Крива Паланка каде, како што рече, турската компанија имала многу слаба реализација на градба, за разлика од онаа на првиот дел од пругата каде што интензивно се работи.
Пругата од Коридорот 8 во прва и втора фаза ја градат австриската компанија „Штрабаг“ и турската компанија „Ѓулермак“.
Првата делница која ја гради фирмата „Штрабаг“ е во должина од 31 километар, чини 40,5 милиони евра, а треба да се изградат и три железнички станици и 6 стојалишта. Втората делница во должина од 34 километри од пругата кон Софија ја гради фирмата „Ѓулермак“ и таа опфаќа изградба и на две железнички станици и три стојалишта и ќе чини 155 милиони евра.