Прилепскиот сивец, етаблиран на светските пазари, е основата за солидното работење на Мермерниот комбинат, иако во првото полугодие од годинава со нешто пониски остварувања во однос на претходната 2022.
EBITDA или профитот пред да се пресметаат даноците, каматите, амортизацијата е во износ од 473,250 илјади денари или 7,7 милиони евра. Во споредба со остварените 504,684 илјади денари/ 8,2 милиони евра од истиот лански период, има намалување од 6,23 отсто.
Крајниот резултат, пак, по оданочување, секако е позитивен, иако со пад од 0,52 проценти. Се работи за 391,397 илјади денари, односно 6,37 милиони евра.
Приливите, речиси стопроцентно, се обезбедуваат од странските пазари. Во шестте месеци Мермерниот комбинат од продажбата инкасирал 807,455 илјади денари (13,2 милиони евра), што претставува намалување за 8,1 отсто споредено со истиот период од изминатата година – 878,923 илјади денари или 14,3 милиони евра.
На домашниот пазар, од каде потекнуваат само 0,58 проценти од приходите, евидентиран е раст – 4,720 илјади денари (76,9 илјади евра) наспроти ланските 3,543 илјади денари (57,7 илјади евра).
Затоа, пак, од странските пазари се слеале 802,735 илјади денари (повеќе од 13 милиони евра), кои во структурата на вкупните приходи учествуваат со 99,42 проценти. Во споредбениот период сумата била повисока – 875,380 илјади денари (14,3 милиони евра).
Остварената оперативна добивка е во износ од 403,494 илјади денари (6,6 милиони евра) и во однос на истот период лани е пониска за 7,37 отсто. Намалување има и кај расходите, за безмалку четири проценти, при што се на ниво од 424,046 илјади денари (6,9 милиони евра).
Според проекциите на Комбинатот, втората половина од годинава треба да биде период на позитивни оперативни и финансиски резултати.