Со 26,4 милиони евра од ЕБОР, Македонскиот електропреносен систем оператор „Мепсо“ ќе ја зајакне преносната мрежа, со што ќе се реализира капитален проект во областа на енергетиката. Парите ќе се искористат за реконструкција на 110-киловолтниот далновод Валандово – Струмица и за изградба на нова трафостаница 400/100 кв во селото Милетково, кај Гевгелија.
Договорот за заемот го потпишаа претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рене Басо и генералниот директор на АД МЕПСО, Зухди Енуз, а во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и евроамбасадорот Дејвид Гир.
„Реализацијата на овој проект ќе овозможи дополнително зајакнување на преносната мрежа на АД МЕПСО во југоисточниот дел од земјава. Во редот на придобивките би сакала да го истакнам и значителното намалување на загубите на електрична енергија и зајакнување на стабилноста и доверливоста на мрежата што директно ќе придонесе за квалитетна интеграција на дополнителен број електрани од обновливи извори на енергија, на мрежата на македонскиот електропреносен оператор“, нагласи министерката Божиновска.
Како што наведе, проектот е дел од зелената транзиција на македонската енергетика, затоа што освен намалување на загубите на електрична енергија, зајакнатата преносна инфраструктура ќе овозможи да се приклучат околу 1.170 MW дополнителни обновливи извори, кои во моментов не се во функција, поради ограничениот капацитет на локалната електропреносна мрежа. Божиновска гарантира дека и средствата од заемот ќе се искористат и проектот ќе се реализира. На новинарско прашање за условите на заемот, дополнето со потсетување дека пред шест години „Мепсо“ плати пенали од околу 800 илјади евра за неискористен заем од ЕБОР, таа одговори: „Гарантирам сто проценти дека нема да се повтори ваква ситуација“.
Со овој проект ќе се намалат и емисиите на јаглерод диоксид, истакна претседателката на ЕБОР:
„Проектот е значаен за преносната мрежа на АД МЕПСО, затоа што ќе влијае на намалување на загубите на електрична енергија за околу 14,5 GWh, како и на намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 8.158 тони, годишно. Дополнително, проектот вклучува поддршка за развој на главен план за кој ќе ги идентификува клучните инвестиции во мрежата, потребни за распоредување на нови обновливи извори и ќе обезбеди непречено преминување кон зелена енергија“.
Инвестицијата е клучен политички потфат, смета евроамбасадорот Гир:
„Инвестирањето во далноводи и воведувањето паметни мрежи е клучен политички потфат во Северна Македонија, имајќи предвид дека мрежата во земјата е генерално застарена, и е потребна нејзина замена. Несомнено, обновата на мрежата ќе наиде на поддршка кај бизнис секторот кој ќе биде поттикнат да инвестира во обновливи извори на енергија“.
Овој значаен проект за државата е со вкупна вредност од 34,7 милиони евра. Освен заемот од ЕБОР, во реализацијата се користат и околу 7,6 милиони евра кои се грант од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, како и половина милион евра обезбедени преку Климатскиот инвестициски фонд за забрзување на транзицијата од јаглен.
Проектот ќе биде заокружен со развој на центар за обука на електропреносни оператори во југозападниот дел од нашата земја, практично регион кој е најмногу засегнат од транзицијата на земјата кон зелена транзиција.