На инженерската средба организирана од Групацијата присуствуваат 25 менаџери за инженерство од Европа, Кина, Бразил, Мексико, а „Костал“ Охрид е оценет како важен партнер во компанијата на глобално ниво, со голем потенцијал и раст, за што потврда се трите инвестиции од над 150 милиони евра
„Костал Македонија“ е најмлад член на Групацијата, но е важен партнер во компанијата на глобално ниво. Со голем потенцијал и раст. Констатацијата е искажана на глобалната инженерска средба во Охрид, во присуство на 25 менаџери за инженерство од Европа, Кина, Бразил, Мексико. Во рамките на шестдневниот престој разменуваат искуства, најнови информации и добри практики, но и нивна имплементација во фабриката на „Костал“ во Охрид.
Извршниот потпретседател за производно инжинерство во „Костал“, Бенедикт Конрад, посочи дека „Костал Македонија“ иако најмлад член на Групацијата, веќе е важен партнер во компанијата на глобално ниво, како во делот на мехатроника, така и во енергетската електроника.
„Целта на нашето доаѓање е да видиме како ентитетот расте, каков е неговиот перформанс, како и да ги увидиме најдобрите практики од ‘Костал Македонија’, релативно млада организација која покажува одличен дух и придонесува во развојот и работата на компанијата во светски рамки. Од друга страна, сакаме на македонскиот тим да му овозможиме да го почувствува бенефитот на глобалната организација, нивните согледувања, нивната експертиза и искуствата во градењето на глобална мрежа, во која Македонија и македонскиот тим се суштински дел, не само во Европа, туку и глобално, во рамки на мехатрониката и енергетската електроника. И, крајната намера е тоа што го научивме тука да го примениме, да формираме т.н. едно инженерство како глобална мрежа, применувајќи ги најдобрите практики во работењето, од почетната фаза во работилница до сериско производство. За ова дискутираме на работилницата во Македонија, каде имаме млад тим кој во изминативе 6-7 години оствари рапиден раст и затоа се потпираме на инженерските ресурси и знаење тука локално“, нагласи Конрад.
Гобално, автомобилската индустрија се соочува со предизвици, но „Костал“ е компанија која партиципира најмногу во светското производство на електрични автомобили, наведе главниот оперативен директор Ханс Јорг Херман.
„Костал автомобил електрик веројатно повеќе од било кој друг автомобилски добавувач придонесува во тој мега тренд на е-мобилност и електрификација на возилата во сите димензии. Многу е важна нашата инвестиција во производство на вградени полначи која што ја направивме тука во Охрид. На само 4-5 километри од овде ја склопуваме ‘Фолксваген САТ’ компонентата, огромен проект од најновата генерација за нашиот клиент ‘Фолксваген’, што само ја нагласува големата инвестиција што ја правиме во Охрид, колку е важна Македонија како локација за нас и колку веруваме политички во државата. Имаме 100 насто доверба дека ќе биде добра инвестиција. Ова е само почеток, ќе има и други нови проекти тука во Македонија“, потенцира Херман.
Третата инвестиција од околу 50 милиони евра заедно со првите две фази ќе го надминат износот од 150 милиони евра вкупна инвестиција во Охрид, а ќе отвори дополнителни околу 200 до 250 работни места во технички напреден процес на производство, нагласи директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо.
„Инвестицијата предвидува два проекти – капацитет за производство на енергетски модул за полнење електрични возила, што ја претвора електричната енергија од наизменична во еднонасочна, технички најсложена и најскапа компонента за автомобили досега произведена во земјава. Другиот проект е изработка на кровни модули кои ќе бидат вградувани во сите модели на ‘Мерцедес’ од наредната година“, посочи Мизо.
Според него, со вредност од над 500 евра, тоа е најскапата компонента направена во било која компанија од автомобилската индустрија во Македонија.
„И тоа за хибридните електрични возила на ‘Фолксваген’ групацијата. Тоа значи дека ‘Фолксваген’, ‘Ауди’, ‘Шкода’ и ‘Сеат’ системи ексклузивно за глобалното производство на ‘Фолксваген’ ќе се произведуваат токму овде во Охрид. Вториот проект е за кровни модули за ‘Мерцедес’ групацијата, што значи дека сето тоа што е од А и Б класа на ниското ниво, до Ц класа, вклучувајќи ги и електричните возила на ‘Мерцедес’, кровните модули ќе се произведуваат тука. Кровните модули ќе влезат во сите модели на ‘Мерцедес’ од крајот на следната година и многу важно за овој проект е дека една од производните линии е целосно дизајнирана од наша страна и произведена во Македонија од компании со кои имаме соработка како добавувачи. Целите технички системи за тестирање се од Германија, но остатокот од производната линија е дизајнирана и произведена во Македонија“, додаде Мизо.
Новиот – трет инвестициски циклус на „Костал Македонија“ ќе се одвиа до крајот на 2026 година. Во моментот, во компанијата се ангажирани 1.020 вработени, кои за својот труд добиваат просечна плата далеку над државниот просек.