ПОВЕЌЕ

    МЕЃУ НАЈГОЛЕМИТЕ „ТЕНДЕРАШИ“ има и времено забранет и со одземен пасош

    Време зa читање: 5 минути

    Јавните набавки и во 2025 година се многу значајни за работењето на компаниите, а со тоа и за вкупната економска активност во државата. Податоците за највредните договори јасно покажуваат дека најголемиот дел од средствата завршуваат кај ограничен број компании, пред сè во енергетиката, здравството, горивата и фармацијата, додека неколку институции се издвојуваат како клучни „потрошувачи“ на буџетски пари. Но, истовремено тие треба да се сметаат и за клучни партнери на државата за спроведување на нејзините проекти, како и за извршување на здравствената, образовната и друга јавна функција.

    Податоците на БизнисМрежа, застапени во оваа анализа на Пари, упатуваат на фактот дека вкупната вредност на најголемите десет доделени тендери е 189,91 милион евра. Овие јавни набавки се договорени со девет компании.

    Највредниот поединечен договор постигнат во текот на минатата година е во износ од 2,48 милијарди денари, односно околу 40,45 милиони евра. Склучен е меѓу Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје и „Стентон Градба“.

    Битолската компанија, „Стентон градба“ со години наназад се вбројува меѓу „избраните“ градежници коишто ги добиваат крупните државни тендери. Во октомври лани се најде меѓу седумте фирми на кои Основниот суд Прилеп им изрече времена забрана за учество во јавните набавки, по истрагата поврзана со работењето на прилепската болница. Компанијата претходно беше јавно посочувана и од актуелната власт како субјект што од 2019 до 2023 година добил државни тендери во вредност од 66,5 милиони евра – сума речиси изедначена со нејзините вкупни приходи за тој период. И покрај тоа, „Стентон Градба“ продолжи да добива значајни јавни договори, вклучително и овој, највредниот во 2025 година.

    Веднаш зад него е договорот на АД Електрани од 1,7 милијарди денари или 27,63 милиони евра, потпишан со охридската компанија „Топлина“, која за ископот на јагленот на РЕК Битола има и 4 подизведувачи.

    И за „Топлина“ во изминатите години имаше реакции и медиумски написи, со посочувања дека во краток период добила и околу четири милиони евра од четири општини (Охрид, Битола, Прилеп и Виница), што се должи на наводната блискост со владејачката партија. За ископот во РЕК Битола од ЕСМ информираа: „Избраниот економски оператор би се ангажирал по налог на Подружница РЕК Битола, во согласност со потребите на рударско-енергетскиот комбинат. Во период кога изведувачот нема да биде ангажиран, АД ЕСМ нема да има финансиски импликации“.

    „Топлина“ всушност дојде како замена на компанијата „Марковски“ (каде што беше подизведувач), која редовно ги добиваше тендерите за ископ на јаглен, но со која ЕСМ го раскина договорот поради неисполнување на обврските.

    Извор: БизнисМрежа

    На третото место според вредноста од 1,65 милијарди денари (26,86 милиони евра) е тендерот што го доби „Пуцко Петрол“. Корисник на услугите е Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.

    Сопственикот на оваа фирма, Асмир Јахоски, лани беше меѓу осомничените во случајот за злоупотреби при набавки на мазут за ТЕЦ Неготино, кој бил со лош квалитет за човековото здравје. Одредениот притвор беше заменет со одземање на пасошот како мерка на претпазливост, за што плати гаранција од над 2 милиони евра. Сепак, сето тоа не се одразило врз бројноста на добиените тендери (304) од широк спектар институции – од министерства и општини, до судови и агенции. Најголемиот поединечен договор е токму со ЈСП.

    Здравствениот сектор е најзастапен по бројот на договори меѓу првите десет со најголема вредност. Министерството за здравство и Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија имаат склучено повеќе милионски договори, главно со фармацевтски компании како „Феникс Фарма“, „Д-р Пановски“, „Алкалоид Конс“ и „Фарма Трејд“.

    На листата највредни договори е и склучениот меѓу Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој со „Макпетрол“. Износот е 9,32 милиони евра.

    Списокот се заокружува со сумата од 8,06 милиони евра, колку што изнесува јавната набавка што Генералниот секретаријат на Владата му ја доделил на „Дигитал Оне“. Тоа е шестиот тендер што го добила оваа фирма во своето едногодишно постоење, а четврт токму од Генералниот секретаријат.

    Висока концентрација на средства кај мал број компании е сликата што со години се повторува кога се во прашање јавните набавки. Тендерските постапки се формално отворени, но најголемиот дел од милијардите се „вртат“ во ограничен круг. Иако и самата понуда на вакви моќни и специфични компании е ограничена, „ограничениот круг“ секогаш го отвора прашањето за реалната конкуренција, контролата и долгорочните ефекти врз јавните финансии.

    М.А.

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    Во следната анализа на Пари ќе прочитате кои компании добиле најголем број на тендери

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично