
Македонските инвеститори на пазарите на хартии од вредност се внимателни, прагматични и бараат поголема ликвидност и поголема веројатност за раст. Затоа во последните пет години постепено расте нивниот интерес за странски акции, додека вложувањата на Македонската берза покажуваат надолен тренд, со еден изолиран исклучок – 2024 година.
Во 2021 година, кога инвестирањето на странските берзи сè уште беше новост и непозната сфера, домашниот пазар сè уште беше доминантен избор. Вредноста на трансакциите со македонски хартии од вредност изнесуваше 12,9 милијарди денари и значително ги надминуваше трансакциите со странски акции, кои изнесуваа 4 милијарди денари.
Тоа беше период и на постпандемиско враќање на довербата, но и време кога каматните стапки беа ниски, а алтернативите ограничени.
Извор: Комисија за хартии од вредност
Веќе во 2022 и особено во 2023 година, сликата почнува да се менува. Обемот на тргување на Македонската берза опаѓа, додека интересот за странски пазари останува релативно стабилен, а потоа и расте. Во 2023 година, на пример, прометот со домашни хартии од вредност изнесуваше 4,6 милијарди денари, а со странски хартии од вредност изнесуваше речиси 3 милијарди денари.
Месечните податоци обезбедени од статистиката на Комисијата за хартии од вредност покажуваат уште појасна динамика: кај странските акции има континуитет, помали осцилации и постепен нагорен тренд, додека кај домашните вложувања доминираат нагли скокови и подолги периоди на тишина.
2024 година е исклучок што не може да се игнорира. Рекордниот раст на вредноста на МБИ 10, со кој Македонската берза стана регионален шампион, привремено го врати фокусот на домашниот пазар. Годишните податоци покажуваат нагло зголемување на вредноста на трансакциите со македонски акции, која изнесуваше дури 13,4 милијарди денари. Но, и на странските берзи имаше зголемени вложувања, од дури 6,3 милијарди денари.
Месечните состојби откриваат силни пикови, типични за периоди на зголемен оптимизам и бркање принос. Но тие пикови ја откриваат суштината: интересот беше концентриран, реактивен и поврзан со перформансите на индексот, а не со долгорочна, широка промена во инвестициската култура. Веќе во 2025 година, и покрај солидното ниво на тргување, домашниот пазар повторно покажува знаци на ладење, додека странските акции продолжуваат со стабилен раст. На домашниот пазар прометот паѓа на 9,6 милијарди денари, а на странските берзи се зголемува на 6,8 милијарди денари.
Извор: Комисија за хартии од вредност
Овие бројки покажуваат дека современиот македонски инвеститор повеќе не се води само од патриотизам или навика. Неговата логика е едноставна: ликвидност, диверзификација и предвидливост. Странските берзи, особено големите и технолошки ориентирани пазари, нудат поголем избор, почеста информација и чувство дека играта не зависи од неколку компании.
Домашниот пазар сè уште се перципира како плиток пазар, зависен од мал број издавачи и чувствителен на индивидуални настани. Затоа вложувањето во македонски акции сè повеќе личи на тактички потег, а не на стратешка одлука.
Зад растечкиот интерес за странски акции, пак, стојат неколку фактори: полесен и поевтин пристап преку онлајн платформи и домашни посредници, поголема финансиска писменост, но и психолошкиот ефект на глобалните приказни за успех.
Но, 2024 година покажа дека кога има силен наратив и видлив раст, домашниот инвеститор брзо се враќа на Македонската берза. Покажа и дека кога нема континуитет, подеднакво брзо се врти кон странски или други пазари на капитал.
Ако трендовите од последните пет години продолжат, странските акции ќе останат растечка компонента во портфолијата на македонските инвеститори. Македонската берза ќе има клучна улога во моменти на силни перформанси, но за да го задржи вниманието на долг рок ќе ѝ бидат потребни нови котации, поголема ликвидност и посилна комуникација со инвеститорската јавност.
Инаку, македонските граѓани постепено добија можност да купуваат акции во странство. До почетокот на 2000 година постоеше строга контрола на движењето на капиталот. Физичките лица практично немаа можност самостојно да инвестираат во странски акции. Со либерализацијата на финансискиот систем се дозволи инвестирање во странство, но со ограничувања, а од 2019 година, со измените на прописите за девизно работење, македонските граѓани добија значително полиберален пристап и можност директно да купуваат акции и хартии од вредност во странство. Денеска можат легално да инвестираат на странски берзи во акции, ETF-и, обврзници и сл. преку странски или домашни брокери.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








