ПОВЕЌЕ

    Менаџерските подвизи на Сер Алекс Фергусон прикажани низ призма на бизнис – 1 ДЕЛ

    Време зa читање: 4 минути

    Тоа што Сер Алекс Фергусон го остави како трага во светот на фудбалот е од непроценливо значење за напредокот на самата игра, креирањето на различни стратегии и севкупно, начинот на менаџирање со еден модерен фудбалски клуб. Но, ништо понебитни се и неговите придонеси кон бизнис сегментот, особено кога денешните фудбалски клубови се водени, пред се, од аспект на креирање дополнителна вредност за сопствениците, прикажана преку добивка на компанијата и креирање на моќен глобален бренд. Неговиот кариерен напредок, успесите кои ги постигна и начинот на кој ќе остане запаметен во фудбалската историја се инспирација за многумина, а тој преку неговата автобиографија остави пишано наследство за идните генерации. Токму преку анализа на неговата книга ќе се обидеме да ги пренесеме неговите ставови, анализи и коментари, прикажани во една бизнис конотација. Неговиот начин на менаџирање не е “trademark” само во фудбалскиот свет, напротив, неговите начела се применливи на скоро секое ниво на менаџмент структура.

    1. Неговата автобиографија започнува со крајот на неговата кариера, а она што веднаш паѓа во очи е начинот на кој ја има донесено таа одлука. Тука се забележува колкаво значење имаат фамилијарните вредности и колкав удел имале истите низ годините. Одлуката за пензионирање е поради осаменоста на неговата сопруга која извесно време пред неговото пензионирање ја загуби својата сестра. Гледајќи од денешен аспект, кога сите сме посветени на кариера, понекогаш често знаеме да го запоставиме одржувањето на здрави фамилијарни навики. Сер Алекс ни покажува дека сепак на крајот од кариерниот пат, повторно се враќаме на онаму каде сме почнале да чекориме.
    2. Понатаму, неговата одлука за пензионирање не ја споделува со својот брат се до самиот ден на објава на веста, од причина што неговата инволвираност во берзанското работење може да допринесе за тектонски пореметувања на Њујоршката берза, доколку истата стигне до новинарите пред официјално да биде дистрибуирана во јавноста од страна на клубот. Ваквиот чекор ја покажува големината на менаџерските карактеристики, кои до последен момент се насочени кон задржување на угледот и репутацијата на клубот, а со тоа допринесувајќи за креирање здрава бизнис клима која ќе биде атрактивна за институционалните инвеститори. Од друга страна, со ова докажува дека Манчестер Јунајтед е неговото второ семејство. Ако денес го анализираме трансфер пазарот на играчи и менаџери, но и воопшто сите вработени во различни компании, тешко дека може да се очекува некој цел работен век да го помине во една организација. Сигурно дека и Фергусон имал и подобри понуди за работа, но што е тоа што го натерало да биде истраен во својата цел? Или, што е тоа што ја одржува таа лојалност кон корпорацијата? Одговорите треба секој самостојно да си ги одговори, а насоките од најголемиот менаџер се дека доколку постои верба во себе, желба за работа и максимална посветеност, не постои граница или понуда која не може да се достигне во самата организација. Од друга страна, треба да бидеме реални и да кажеме дека за да се исполни таков успех треба самата организација да биде поставена на здрава основа и да го следи чекорот на менаџерот. Дали Ферусон имал среќа да биде дел од едно такво елитно друштво, или самиот допринел тоа да стане такво, веројатно вистината е некаде насредина.

     

    1. Прошталниот говор на крајот од мечот против Вест Бромвич Албион го заврши со молба до навивачите, играчите и целиот персонал во клубот да го поддржат неговиот наследник. Една од големите менаџерски карактеристики, а во многу случаи и исполнување на човечката големина е креирањето на сопствен наследник. Ретки се оние менаџери кои и после своето заминување оставаат наследник позади кој ќе застанат со цела своја репутација. Иако можеби во поголем дел од бизнис сегментот, наследникот природно би се избрал од самата компанија, тука самите предуслови на дозволуваат играчите веднаш да бидат промовирани во менаџери. Неговата несебичност во пренесување на знаењето се покажува со одредено закаснување , или со економски речник со одреден “time lag”, преку актуелниот менаџер на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер, селекторската позиција на Рајан Гигс, сопственичката структура на Дејвид Бекам и ред други играчи кои ја надградиле својата играчка кариера, но исто така и преку афирмирањето на неговиот стручен персонал, најсликовито изразена преку тренерскиот пат на Карлош Кеироз.

    На крајот на првата глава Сер Алекс издвојува еден момент кога на аеродром добива плико во кое има статија од ирски весник во која пишува дека клубот го напушти на “Фергусоновски начин”.Оставањето на сопствен белег се чини е најдрагиот момент од било која професионална кариера, а Сер Алекс тоа го направи на негов начин.

     

    Продолжува…

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично