Марко Бислимоски поднесе оставка од функцијата претседател на Регулаторна комисија за енергетика. Известувањето е упатено до Собранието, со барање – согласно Законот за енергетика да се утврди престанок на неговиот мандат.
Бислимоски ја предводи РКЕ од јуни 2018 година. Тогаш го доби првиот мандат, а потоа беше реизбран во јули 2023 година.
Оставката од оваа позиција следи по кривичната пријава што во Основното јавно обвинителство против него ја поднесе Финансиската полиција. Тоа се случи на крајот од јануари, а пријавата е заснована врз сомневањето за злоупотреба на службената положба во случајот „Тритерол Петрол“.
Конкретно, Финансиската полиција вината ја согледа во ненавременото одземање на лиценцата, наместо во јануари 2024 година – во април 2025 година. Тоа, пак, ѝ овозможило на фирмата, која не ги исполнувала законските услови за трговија со нафта и горива, да работи уште 15 месеци. Во тој период учествувала во јавните набавки и склучувала договори без законска основа, при што стекнала противправна корист од над 227.000 евра, додека тогашниот промет достигнал 3,15 милиони евра.
Бислимоски, односно РКЕ уште веднаш ги отфрли обвинувањата. Оттаму наведоа дека во постапката за одземање на лиценцата е постапено согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, посочувајќи дека „на ист начин и во исти рокови е постапено и за други компании баратели на лиценци“.
Исто така, регулаторите тогаш најавија дека нема да коментираат детали, со цел да им остави на „институциите на системот професионално да си ја вршат работата”.
Аналитика








