Учениците Марин Христоски и Алексеј Мицкоски од ООУ „Кире Гавриловски – Јане“ од Прилеп го освоија второто место на Европскиот квиз за пари, чие финале се одржа на 23 мај во главниот град на Белгија. Македонските претставници, под менторство на наставничката Соња Јорданоска, во Брисел се пласираа меѓу трите најдобри екипи – од Италија чиј тим е првак на натпреварот и треторангирниот од Шведска.
Организацијата на престижниот меѓународен натпревар за млади во областа на финансиската писменост е на Европската банкарска федерација (ЕБФ). Годинава со свои тимови учествуваа 30 земји: Албанија, Австрија, Бугарија, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Норвешка, Полска, Португалија, Република Северна Македонија, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Турција и Украина.
Тоа е рекорден одзив, при што над 73.000 ученици од 2.877 училишта ширум Европа учествуваа на националните натпревари одржани во земјите учеснички. Од сите учесници само 60 продолжија во финалето на Европскиот квиз за пари, кое беше организирано со дводневна агенда и вклучуваше низа активности за запознавање и зближување помеѓу тимовите.
Иницијативата, започната од ЕБФ во 2017 година, цели да ги подобри финансиските знаења на младите луѓе и да поттикне финансиски одговорна генерација.
Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност ќе продолжи да ја поддржува и промовира финансиската едукација како клучен елемент за успешната и независна иднина на младите луѓе.