ПОВЕЌЕ

    Акција на МАПАС и на пензиските друштва: Волонтери ќе купуваат намирници на скопските пензионери

    Време зa читање: 2 минути

    Под мотото „Помогни на пензионер денес, затоа што тебе утре ќе ти треба помош“, од 15 октомври па сѐ до 15 ноември годинава, во рамките на акција на МАПАС и на пензиските друштва, волонтери ќе им помагаат на пензионерите преку набавка на секојдневните животни намирници, потребни за нормално живеење.

    Обезбедувањето на намирниците за пријавените пензионери во рамките на акцијата ќе се одвива еднаш неделно, во општините во Скопје.

    – За да се обезбеди што пошироко покривање на што поголем број пензионери, беше организиран и јавен повик за пријавување на волонтери, кои ќе бидат дел од оваа акција. Досега се пријавија 80 волонтери кои заедно со волонтерите од МАПАС и пензиските друштва ќе ги набавуваат намирниците за пензионерите од Скопје, се вели во соопштението од МАПАС.

    Акцијата е дел од информативната кампања „Времето до пензија поминува побрзо отколку што мислиш“, која започна на 15 септември – Денот на пензиска свесност, чија цел е зголемувањето на свесноста кај младите за тоа дека вистинските одлуки за нивната пензија треба да ги донесуваат уште сега, односно со нивното прво вработување, а не пред пензионирање.

    Како што информираат од МАПАС, сите пензионери што сакаат да бидат дел од акцијата и да добијат помош, можат да се пријават на телефонскиот број 0800 11 800.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично