Извор: http://www.gama.com.mk/
Макпетрол АД Скопје во известување преку Македонска Берза, денес го објави следново соопштение:
„Макпетрол“ АД Скопје и Владата на Република Северна Македонија, заради конечно, законито и правично регулирање на своите сопственички односи во „ГА-МА“ АД Скопје, во согласност со Законот за енергетика и со Третиот енергетски пакет, кој е инкорпориран во Законот, побараа Медијација во Центарот за решавање на спорови на Енергетската заедница.
Со целосна поддршка од Енергетска заедница, постигната e согласност помеѓу „Макпетрол“ АД Скопје и Владата на Република Северна Македонија да се склучи Спогодба со која вонсудски ќе се завршат судските спорови во врска со „ГА-МА“ АД Скопје, по што согласно пазарна цена, утврдена со проценка од овластени проценители, „Макпетрол“ АД Скопје ќе го продаде својот дел од сопственоста во „ГА-МА“ АД Скопје на Владата на Република Северна Македонија.
Во периодот што следи, „Макпетрол“ АД Скопје и Владата на Република Северна Македонија ќе треба да донесат соодветни правни акти за официјално потпишување на Спогодбата.
Енергетската заедница се обврза да ја следи имплементацијата на вонсудската спогодба и да ја дава потребната поддршка сè до конечно завршување на целата постапка.
Основната дејност на „ГА-МА“ АД Скопје е пренос на природниот гас и управување со системот за пренос на природен гас во Република Северна Македонија. Со тоа се вбројуваме во извонредно важните чинители во развојот на енергетскиот сектор на Република Северна Македонија.
За својата работа „ГА-МА“ АД – Скопје поседува Лиценца за вршење енергетска дејност – управување со системот за пренос на природен гас и Лиценца за вршење енергетска дејност – за пренос на природен гас, издадени од Регулаторната Комисија за Енергетика на Република Северна Македонија.
Извор: http://www.gama.com.mk/