ПОВЕЌЕ

    Македонскиот фармацевтски гигант продира во Азија: Регистрирано ново друштво „Алкалоид Казахстан“

    Време зa читање: 2 минути

    „Алкалоид Казахстан“ ДОО е новото капитално поврзано друштво што во таа азиска земја го регистрира најголемата македонска фармацевтска компанија. Воедно, тоа е и првата нејзина подружница на азискиот континент.

    Друштвото е во стопроцента сопственост на скопската фармацевтска куќа, која за овој крупен чекор ја извести инвеститорската јавност преку Македонската берза. Се наоѓа во градот Алмати и е 26-то капитално поврзано друштво на „Алкалоид“.

    „Отворањето на ова друштво претставува исклучителна можност за искористување на големиот потенцијал за пласирање фармацевтски производи на овој пазар, чија вредност на годишно ниво изнесува над 2 милијарди евра“, наведуваат од „Алкалоид“.

    Притоа, се додава дека Казахстан е пазар со 19,6 милиони жители. Воедно, тоа е економија со најдобри перформанси во Централна Азија.

    За почеток, извозната активност на „Алкалоид“ ќе опфаќа антибиотици и додатоци во исхраната наменети за бремени жени. За понатаму, во план е зголемување на асортиманот. Но, и проширување на „Алкалоид“ во други земји од тој регион на интерес.

    Проширувањето кон азискиот континент е во насока на главните стратешки определби на компанијата, како и нагласената извозна ориентација и глобализација на брендот „Алкалоид“.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично